Планирате повторно активно да се вклучите во политиката?
Го кажав тоа и порано, сум му го рекол тоа и на новото раководство на СДСМ, дека немав таква намера кога го завршив мандатот, затоа што постигнав најмногу што можев во таа хиерархија. Меѓутоа, навистина сум непријатно изненаден од патот кој го фаќа новата влада и во делот на меѓуетничките односи внатре, преку едно занемарување на таа област во која мора да бидете многу грижлив.
Тоа во Македонија секојпат е многу опасно. И оваа патека која ја фатија со овие економски региони со Србија и со Унгарија, и ова колосално промашување со Трамп, гледајќи каде одиме мислам дека ќе биде неопходно, не само јас, туку сите луѓе кои се демократски настроени да дадат поддршка на оваа структура која е сега во опозиција, и која се обидува да ги остави зад себе сите промашувања, сите лоши политики и лоши кадровски решенија, кои неспорно ги имаше, и да проба да го избалансира овој националистички и антиевропски нагон кој го има владејачката партија.
Им реков, ако мислите дека во било која улога можам да придонесам, јас ви стојам на располагање. Јас во овие 30 години наназад секогаш сум бил на страната на оние кои сакаат демократија и стабилни меѓуетнички односи.Значи во тој дел да, Стево Пендаровски ќе биде таму каде што ќе бидат демократските сили во Македонија.