Од министерот за надворешни работи неодамна добивме една, би рекол, интересна нова крилатица, во која тој порача дека САД се наш стратешки партнер, а ЕУ наша стратешка цел. Дали е ова некакво несмасно нијансирање на кое не треба да му се придава големо значење, или можеби означува некаква подраматична промена во надворешната политика на земјата?
Тоа е гола реторика, што е впрочем специфика за нашиот министер за надворешни работи. На сите луѓе што се од оваа влада ангажирани на полето на надворешната политика им е совршено јасно дека таа влада нема намера да оди кон ЕУ под овие услови.
Ние сме прв случај во историјата на европските интеграции која од позиција на кандидат за членство поставува услови кон земја-членка на ЕУ… Бугарија да признае 14 пресуди од Стразбур, да признае постоење на македонско малцинство итн. Сите тие пораки се наменети за домашната публика. Оваа влада нема никаква намера да менува Устав, да ги става Бугарите или да оди кон Европа. А тоа е единствен услов.
Нашата влада, не случајно, бира една од 27 земји-членки на ЕУ, веројатно ќе следат и други две, која ја именува како стратешки економски партнер. Тоа е Унгарија. Можете да замислите какви се реалните амбиции за европско интегрирање на оваа влада кога имаме изјава дека од Орбан може многу да се научи. Тоа е човекот кој го измисли терминот „илиберална демократија“, се фали со тоа, и се дружи со слични на него во светот. И ние сега од тој човек ќе учиме?!
Зошто ние не се обидеме да направиме стратешко партнерство со Германија? Еве Германија сега има конзервативна влада. Во ЕПП се заедно (со ВМРО-ДПМНЕ, н.з.).Значи намерата е да одиме кон држави, Трамп, кои се со антиевропски ставови, и кон држави во ЕУ кои се „црна овца“. Унгарија е држава од која ние треба да научиме многу, а за која започнува процедура за да и се одземе правото на глас во ЕУ. Што ќе научиме ние од нив?