Европските претставници најавија иницијатива за билатерална средба на македонската претседателка и бугарскиот претседател за време на самитот на НАТО во Хаг, на која би сведочеле и првите луѓе на ЕУ, НАТО и САД. Можеби претседателката Сиљановска тука ќе успее да дојде до израз и да испреговара нешто со бугарскиот претседател?
Не! Знаете зошто? Затоа што Румен Радев е архитектот на бугарската блокада кон Македонија. Сум имал многу разговори со него на меѓународни собири. Тој дојде и на мојата инаугурација во 2019 година и уште тогаш тврдо ги застапуваше позициите на бугарскиот национализам од комунизмот. Тој човек ја натера владата да донесе своја декларација, и во бугарскиот парламент кој брои 250 пратеници таа декларација беше изгласана со 204 гласови. Јас паметам тогаш коментирав дека таа декларација е донесена со севернокорејски процент.Тој човек беше иницијаторот на блокадата кон Македонија.
Не може да очекувате од оној кој го направи проблемот, да го реши. Дури и со Каракачанов во таа влада на Борисов, тој не беше главниот. Главниот човек кој ја утврди таа патека беше Радев. Вие со него не можете со гледање опери или културни настани да издејствувате промена во тој став, затоа што тој човек верува во тоа што го направи, и во тоа што ги натера сите други да веруваат во таа позиција.