Со еден друг стратешки партнер- САД, владата гради, како што вели, засилено партнерство. Премиерот Мицкоски веќе го најави „новото нормално” и рече дека сме први во редот кај претседателот Доналд Трамп. Што добивме досега од ова зајакнато партнерство со администрацијата на Трамп?
Добивме царини. Единствена работа која „ја добивме”, бидејќи тоа не е добра добивка, не е добра вест за нашиот народ, добивме царини како и сите други и немавме никакво исклучување од тарифниот систем на американскиот претседател. Јас веќе го коментирав тоа наше нагло приближување до новата американска администрација, со тезата дека ние сме први до американскиот претседател, со најава дека сите други ќе се постројуваат зад нас. Ние, нели го запоседнавме тој периметар и се глорификуваше улогата на некои наши иселеници и некои американски државјани како Лутник или Ричард Гренел, дека тие можат да ни обезбедат привилегирана позиција во идната политика на Трамп. Јас тоа и тогаш и сега го нарекувам колосално аматерско промашување или погрешна проценка кога ги бирате вашите нови, надворешно политички приоритети. Зошто? Вие морате да процените каков профил е новиот американски претседател. По сите проценки- трансакционен, кого го интересираат пари и ресурси од различен тип. На пример, минералите во Украина. Што можеме ние да му понудиме на таков политичар? Апсолутно ништо.
Да повторам, Трамп е човек кој е заинтересиран само за економскиот интерес на САД. „Америка на прво место“ не значи Америка на прво место во културолошка или демократска смисла, туку само во економска, само во смисла на парите. Ние тука, повторувам, немаме што да понудиме.
Ви ги разбирам критиките, но сепак ќе се согласите дека е во интерес на Македонија како мала земја, да бара сојузници и партнери, без оглед на тоа кој е на функцијата од другата страна?
Неспорно. Задача на секој од нас, кога сте на функција, кога имате доверба од граѓаните, да барате пријатели. Јас зборувам за пропагандата која со месеци тука беше продуцирана, со која не поклопија, со тврдење дека ова се случува за првпат во поновата историјата, една влада да има вакви односи со Вашингтон.
Ние сме имале премиер на државата, а не претседател, кој имал прием кај Џорџ Буш во Белата Куќа. Ние сме имале претседател, Борис Трајковски, кој бил, надвор од сите политички узанси, кој бил прилично интимен како човек со тогашниот американски претседател. И сега да кажете „ова до сега не било, ќе видите што ќе направиме“ и сега да се чудиме што од нив уште може да очекуваме освен тарифите.