Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, објави дека Пентагон ќе стави крај на „непотребното трошење“, вклучувајќи ги и финансиските средства за два истакнати американски универзитети. „Во овој момент, ние потпишуваме меморандум со кој се анулираат договорите на Министерството за одбрана во вкупна вредност од 5,1 милијарди долари”, наведе Хегсет. Тој додаде дека тоа е федералната програма за значајни намалувања на трошоците преземени од Илон Маск.„Меѓу намалувањата на трошоците на Пентагон што се направени досега се грантовите од 500 милиони долари за Нортвестерн Универзитет и Универзитетот Корнел, опишани како академски институции кои толерираат антисемитизам и поддржуваат различности, правичност и програми за вклучување кои всушност ги делат луѓето”, посочи Хегсет.
Администрацијата на Универзитетот Корнел денес извести дека примиле 75 наредби од Министерството за одбрана за прекин на спогодбите со одделот поврзани со истражување, кое е „многу важно за националната одбрана, кибер безбедноста и здравствената заштита на САД“. Според соопштението на Универзитетот, еден од укинатите грантови се однесува на истражување за рак. Хегсет тврди дека се прекинати 11 спогодби поврзани со различностите, рамноправноста, климата, одговорите на пандемијата и сродни активности кои се сметаат за небитни. “Ни требаат овие пари за да ја подобриме здравствената заштита на нашата војска и нивните семејства, наместо да ги наградуваме консултантите со 500 долари на час”, рече Хегсет.