Актуелниот процес за измени на Законот за локална самоуправа, децентрализацијата, како и можностите за надминување на одредени проблеми со кои се соочува општината поради игнорантскиот однос на Град Скопје се дел од темите на кои разговараше министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната средба со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и членовите на општинскиот Совет. Министерот Перински истакна дека Општина Чаир е една од важните симболи на мултиетничката и мултикултурната традиција во Скопје, а истовремено специфична и по други околности. Општина Чаир брои 63.000 жители, а се простира на само 3,5 квадратни километри, што значи многу жители на мала територија, што само по себе е предизвик да се испочитуваат потребите на граѓаните во целост.
Ние како Министерство и како Влада, продолжуваме да работиме заедно со општините на создавање услови за подобар живот за сите наши граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Најважно од сѐ е да ги решаваме предизвиците кои ги наметнува урбаното живеење, да ги слушнеме потребите на граѓаните и да инвестираме за да се надминат сите предизвици – рече Перински. Министерот нагласи дека најголемиот проблем во моментот кој што Градот Скопје го прави за скопските општини е опструкцијата на секое ниво. И во суштина тие средства што се влеваат во касата на Градот Скопје, а потекнуваат од страна на локалните самоуправи на територија на Градот во иднина несразмерно се инвестираат. Ние мора да најдеме механизам, мора да најдеме некоја формула која од одредена сума, одредена количина на средства кои од локалните самоуправи влегуваат во Градот Скопје, одреден процент од нив треба да се враќаат во истите локални самоуправи за да им се даде комодитет на градоначалниците самостојно да инвестираат во што е можно повеќе инфраструктурни проекти.
За жал, комуникацијата со Градот Скопје и на градоначалниците и на претставниците на централна власт не можам да кажам дека е отежнато, туку ќе бидам најдиректен – не постои и тоа заради една страна, а тоа е Градот Скопје – нагласи министерот. Ганиу информира дека Општина Чаир инкасирала 2,8 милиони евра кои ќе се инвестираат во капитални инвестиции. Потенцираат дека имаат и над 25 проекти за кои што ќе аплицираат на новиот повик за 2025 година за приближно 9 милиони евра. Чаирскиот градоначалник потенцира дека почнувањето на реализација на неколку инфраструктуни проекти во оваа општина не се предизборна кампања за локалните избори, туку, како што рече, се работни дејствија. Имавме јавна набавка, значи оператори што треба да ги завршуваат се веќе избрани и веќе сме почнале, на неколку улици работиме. И тоа покажува дека не е предизборно, туку директно делуваме и сме во текот на работните дејствија, рече Ганиу.