Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“ ја посети oпштина Ѓорче Петров каде остварија средба со градоначалникот Александар Стојкоски и членовите на општинскиот Совет. Како што посочи Перински, караванот „Каде што срцето е дома“ е од исклучителна важност за Министерството за локална самоуправа, бидејќи во рамки на овие средби има можност да разговара директно со креаторите на локалните политики, но, како што рече, и да ги слушне реалните потреби на граѓаните.
Прашан дали ваквите посети на општините значат почетокот на предизборната кампања, Перински рече „основната работа на Министерството за локална самоуправа се локалните самоуправи, тоа е нешто што ние на дневна основа го работиме“.
– Основната работа на Министерството за локална самоуправа се локалните самоуправи, тоа е нешто што ние на дневна основа го работиме. Покрај локалната политика третираме и регионален развој. Затоа споменав во мојата изјава дека Општина Ѓорче Петров е исклучително битна заради тоа што има и урбан и рурален дел. Точно дека некој ова го предвидува како почеток на предизборна кампања, но јас не се согласувам со таа констатација заради тоа што обврска на министерот е да ги посети локалните самоуправи и да го осознае нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите – рече Перински.