Министерот за локална самоуправа Златко Перински ја реафирмира амбицијата да биде кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но вели дека важни се околностите во кои партијата ќе одлучува за тоа кој ќе биде нејзин кандидат.
„Да му дадеме шанса на времето. Да видиме што ќе се случува во иднина. Сепак, и околностите се важни во кои ќе се носи одлуката. Верувам дека предлогот кој ќе се даде од страна на Мицкоски, до извршните тела во рамки на партијата ќе биде најсодветното решение и секако сум убеден сум дека тој предлог, кој и да е, ќе биде идниот градоначалник на Скопје. Во моментов навистина уживам во она што го работам, се трудам да го дадам максимумот, а да оставиме да видиме каква ќе биде одлуката на партиските тела, па да видиме што ќе се случува“, рече Перински во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Тој се пофали дека „има многу визии“ за Скопје, градот кој, според него, „го зафати сивило“ и во кој „одамна нема видено насмевка на лице“.
„Имам многу визии за Скопје, ако почнеме ќе ни требаат три емисии, но Скопје го зафати едно сивило и одамна немам видено насмевка на лице на ниту еден скопјанец и тоа е од многу фактори. А, ако тргнеме од елементарните како што се загадување, јавен превоз, одлагање на смет, тие се во делот на политиката, ние немаме нормален живот во Скопје. Немаме културен настан, не се сеќавам од кога. Имаме културни домови во општините кои зјаат празни, немаат програми, немаме случувања за пензионерите, за повозрасните, за најмалите. Ако немаме трговски центар, во сабота во зима немаме каде да отидеме“, рече Перински.
Тој вели дека на главниот град му треба долгорочна стратегија од минимум 20 години, со оглед дека квалитетот на живот во Скопје е доведен на најниско можно ниво . На крајот од емисијата Перински се обиде да објасни зошто Скопје не може да има трамвајски систем. „Тешко може да се направи трамвај, бидејќи е бесплански развивано во централното градско подрачје. Но, има и многу други фактори“, рече тој.