Најважната промена е регулацијата на онлајн порталите, односно нивна категоризација како медиуми во целосната смисла на зборот. Имено, во новиот предлог-закон за медиуми, се вметнува дефиниција на онлајн медиум, или колоквијално интернет-портал, со што овие медиуми добиваат еднаков третман како и другите радиодифузери и печатени медиуми, во смисла на права, но и во смисла на обврски Во последниот период се случуваат повеќе промени во регулативата и поставеноста на медиумскиот систем, кои можеби поминуваат под радарот на поголемите случувања во Македонија, во регионот, но и пошироко. Сепак, овие промени ќе влијаат врз медиумската сцена и на околните, би рекол придружни, дејности, на начини што допрва целосно ќе ги осознаваме, иако уште сега се појавуваат некои контури на тоа како би изгледала медиумската сцена по овие реформи. Според мене, токму тоа е вредно за анализа, зашто оваа трансформација секако ќе влијае врз тоа како во иднина ќе ги добиваме информациите, и кои центри на моќ ќе имаат посилно или послабо влијание на оваа сцена. Се случуваат неколку главни промени во медиумскиот бизнис што се актуелни во моментов.
Регулација на онлајн медиумите. Најважната промена е регулацијата на онлајн порталите, односно нивна категоризација како медиуми во целосната смисла на зборот. Имено, во новиот предлог-закон за медиуми, се вметнува дефиниција на онлајн медиум, или колоквијално интернет-портал, со што овие медиуми добиваат еднаков третман како и другите радиодифузери и печатени медиуми, во смисла на права, но и во смисла на обврски. Во иднина, онлајн медиумите што ќе сакаат да учествуваат во владиното рекламирање, политичкото рекламирање, или да конкурираат за медиумски субвенции (даночни или други), ќе мораат да се организираат во правно лице, да се регистрираат во регистер на онлајн медиуми, да имаат одговорен уредник, импресум, како и најмалку двајца вработени.
Добрите страни на оваа регулација се што, во иднина, зад онлајн медиумите ќе има уредничка структура, која теоретски би требало да го подобри квалитетот на објавените материјали, во смисла на заштита од плагијат, но и како одговорно лице за евентуални грешки, клевети или навреди од страна на овие портали. Досега, имајќи предвид дека оваа материја не беше регулирана, се појавуваа „диви“ онлајн медиуми (медиуми зад кои нема уредничка структура или се регистрирани во недефиниран онлајн простор во смисла на јурисдикција), кај кои не можеше да се востанови кој стои зад пишаниот збор, па често таму прелесно се појавуваа лажни содржини за кои никој никогаш не одговараше. Се разбира, ризикот во ваквата регулација е дали со овие критериуми ќе се наруши плурализмот во јавниот дискурс, односно дали овие правила се поставени толку високо што голем дел од онлајн порталите нема да можат да ги исполнат, па со тоа и ќе се осиромаши медиумскиот простор. Дополнително, гледајќи го предлог-законот, мислам дека тука недостасува регулација за еден тренд што се појавува во последно време, а тоа е од една онлајн редакција да се генерира содржина за повеќе портали – на пример една редакција, своите содржини за спорт, култура, политика, или други рубрики, да ги подели и објавува, со иста уредничка структура, на повеќе соодветни портали, наместо на различни рубрики во еден ист медиум.
Втората промена, која не е нова, но се вклопува во целата приказна, е повторното воведување на владино рекламирање, нешто што беше забрането до лани. За оваа тема сум пишувал многупати: комуникацијата со јавноста е составен дел од владеењето во 21 век и таа потреба нема да ја снема. Има многу теми на кои државата би требало да може да се рекламира: безбедност во сообраќајот, заштита на природата, подигање на јавната свест за борба против корупција и слично. Со други зборови, политиките што предвидуваат промена на јавната свест, не можат да се спроведат без комуникација со јавноста. Оттаму, затворањето на еден канал на комуникација (рекламирањето), ќе создаде зголемување на другите канали, па така, претходната влада, додека самата го забрани рекламирањето, паралелно имаше вработено околу стотина ПР-службеници за да ја задоволи, во основа, истата потреба. Оттаму, знаејќи дека комуникацијата со јавноста ќе остане важен столб на политичката сцена, подобро е таа материја да е што повеќе регулирана за да се избегнат манипулации. Стравот од тоа дека со јавни пари ќе се купува уредничка политика останува, но можноста за тоа експоненцијално се зголемува кога таа материја ќе остане во сивата зона на медиумско-владините кулоари.
Дополнителните промени ги вклучуваат барањата на онлајн медиумите за укинување на ограничувањата во политичкото рекламирање (сега секој онлајн медиум е ограничен со средствата што може да ги добие од Државната изборна комисија), како и барањето да се регулираат авторските права за вестите кои онлајн генераторите ги повлекуваат и агрегираат од интернет порталите. Првото барање има смисла: постојат портали кои имаат поголема публика од некои телевизии, а досега беа ограничени на минорни суми, напати помали од 5% од буџетите на телевизиите, во смисла на политичко рекламирање. Дополнително, воведувањето критериум за тригодишно постоење за да можат да добијат политички реклами е исто така логично: во досегашниот систем имавме многубројни злоупотреби на овој механизам, каде што партиите сами си создаваа портали за да ги наполнат со јавни пари за избори. Тука евентуално сивата зона е потенцијалната регулација на онлајн генераторите, каде што тие би морале да добијат согласност од порталите, евентуално за надоместок, за генерирање групна содржина, односно тезата дека линк до една вест има еднаков третман на авторско дело како и самата вест. Тоа е дискутабилно прашање, зашто кај сите онлајн генератори, кликнувањето на линкот ве води до оригиналната вест на оригиналниот портал, па не знам за каква злоупотреба на авторски права овде би се зборувало.
Ризик од регулацијата. Во секој случај, овие реформи ќе имаат најмалку еден релативно предвидлив резултат, а тоа е значајно засилување на позицијата на онлајн порталите на медиумската сцена во државата. Не можам да кажам дека тоа е незаслужено, зашто таму постојат исклучително влијателни и сериозни редакции, кои досега беа третирани како медиумска иредента. Сепак, постои ризик и со прагот на регулација да се претера, односно една од последиците да биде дека ќе се намали бројот на онлајн портали, што би ги направило уште посилни оние кои ќе останат, се разбира, но би го осиромашило медиумскиот плурализам. На крајот, би завршил со вечното прашање: дали со овие промени диспропорционално ќе се зголеми влијанието на политиката (читај власта) во уредувачката политика на медиумите? Се надевам дека не, но рано е да се каже, зашто сѐ уште се свежи сеќавањата на таквите злоупотреби од минатото. Ако од тоа сме научиле нешто, можеби овие промени сепак ќе бидат кон подобро.