Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета монетарната политика се стабилизира, но и дека ризиците и натаму се присутни. „Монетарната политика беше во правец на затегнување како одговор на она што се случуваше со инфлацијата, посебно во 2022 и 2023 година. Во 2022 година просекот на инфлацијата изнесуваше 14,2, потоа 9,5 во текот на 2023 година. И сега ја имаме една стабилизација, но ризици се уште постојат. Меѓутоа, кога започнаа да олабавуваат притисоците, особено кога драстично започнаа да се намалуваат притисоците од глобалното опкружување тогаш започна и еден процес на нормализација на монетарната политика. Точно е дека постојат неизвесности на меѓународната сцена, меѓутоа и на домашна сцена имаме сè уште ризици и тие влијаат на тоа монетарната политика“, рече Петрески во „Топ тема“ на ТВ„Телма“
„Намалувањето на каматните стапки нема да биде многу брзо и нема да биде многу драматично. Како што е познато во јавноста голем дел од активните каматни стапки на кредитите се поврзани со како референтна каматна стапка, просечната каматна стапка која се пресметува од страна на депозитите. Банките генерално ги следат сигналите на монетарната власт, ги следат каматните стапки коишто се дефинирани како неференти во поглед на благајничките записи. На страна на кредитите не е само прашањето на изворите туку од кредитниот ризик кој го носат клиентите и какво е нивното работење“ вели Маја Стевкова Штериева – Претседателка на Македонска банкарска асоцијација. Директорот на Раде Кончар – ТЕП, Горан Антевски додава дека ниските каматни стапки се секако добредојдени за компаниите, но дека тие не можат да одат во недоглед поради тоа што банките е потребно да ја имаат развојната компонента.
„Во бизнисот секогаш е желбата да се намалат каматните стапки за кредитите затоа што така ќе се зголеми инвестициската активност на компаниите. Ние како компании во Македонија секогаш сакаме да се намалат, но тие не можат да се намалат во недоглед, секогаш треба да се има развојна компонента и на банките, бидејќи тој финансиски сектор мора да биде јак и сигурен за работењето на компаниите, но и постоењето на државата. Трендот на намалување на каматните стапки е добредојден за компаниите, а инвестициските активности ќе се зголемат“ вели Горан Антевски директорот на Раде Кончар – ТЕП.