Во денешното емитување на емисијата „За или против“ на телевизија Алфа гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски. Тој се осврна на темата за правосудниот систем во Македонија, и истакна дека пристапот кој Владата го имаше беше европски пристап кој инаку не е својствен. Петрушевски посочи дека без разрешување на истрошените и компромитирани членови на Судскиот совет, промените ќе останат само декларативни. Според него, тоа е неопходен прв чекор кон градење правна држава со повисока доверба кај граѓаните, а реформите мора да продолжат со суштински законски измени и вклучување на експертската и меѓународната јавност.
„Јас се надевам и апелирам до ЈО да работи професионално и се надевам дека ќе работи професионално, затоа што ќе имаме и други механизми понатаму како да реагираме. Мислам дека е добро што премиерот и Владата, генерално власта одбра еден таков европски пристап кој што не е својствен за нашите балкански простори, реков не е како до сега, да се менуваат луѓе од прв ден туку напротив оставивме простор да видиме што можат“, изјави Петрушевски. Петрушевски нагласи дека актуелната власт ја почитува независноста на судскиот систем и не сака да се меша во неговата работа, но посочи дека членовите на Судскиот совет продолжуваат да работат без промени, и покрај изгласаната интерпелација од Собранието. Според него, лица кои го довеле судството до рекордно ниска доверба не можат да бидат дел од неговото реформирање.
„Ја почитуваме независноста на судскиот систем, не сакаме да се мешаме во судскиот систем иако, изгласавме и негативен извештај и интерпелација на членовите на Судскиот совет кои што ги бира Собранието. Не може луѓе кои што го довеле судството на ова ниво 2% доверба, можеби и помалку, да го менуваат и да го променат на подобро иако добија шанса не ја искористија и мислам дека е редно време да бидат сменети“, потенцираше Петрушевски. Петрушевски посочи дека иако беше најавено дека ќе се прифатат квалитетни идеи за реформи, според него, во изминатите 10 месеци не е понудено ништо конкретно, што само ја потврдува потребата овие членови да бидат разрешени.
„Имавме можност да слушнеме и што и како размислуваат членовите на Судскиот совет. Кога излезе премиерот и рече дека ќе одиме со смена на Судскиот совет, меѓутоа оставаме простор за дебата, да слушнеме што мислат експертите, што мисли меѓународната јавност, што мисли опозицијата, што мислат и членовите на Судскиот совет, и секоја една идеја која што ќе биде добра која што ќе биде квалитетна која што ќе биде во насока на реформа на правосудниот систем ќе биде имплементирана. Десет месеци поминаа, не слушнавме таква идеја, што значи останува дека она нашето, дека тие луѓе треба да бидат разрешени“, истакна Петрушевски. Петрушевски додаде дека разрешувањето на актуелните членови на Судскиот совет не е единствен, но е неопходен прв чекор за вистински реформи во правосудството. Според него, овие кадри веќе го изгубиле кредибилитетот и ја потрошиле шансата што им била дадена. Тој потенцираше и дека потребни се коренити промени, законски измени и вклучување на експертската и меѓународната јавност за да се воспостави праведен и функционален судски систем. „Она што мора да се направи, е да се тргнат прво тие луѓе затоа што веќе се истрошени и доволно кредибилитет кој што им бил даден го потрошиле. Мислам дека треба да дојдат нови луѓе на тие позиции, тоа е само еден предуслов за да тргне напред“, заклучи Петрушевски.
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ