Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, се сомнева дека власта презема чекори за нарушување на националната безбедност, поточно за тајно следење на комуникациите на над два милиони граѓани.
-Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите одржа пет продолженија на седница, разгледувајќи ја Информација за работењето на Оперативно техничката – агенција (ОТА).Притоа Комисијата, постапувајќи во рамките на својата надлежност, утврди сериозен сомнеж дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите односно дека извршила незаконска набавка на средства за следење на комуникациите кои може да бидат злоупотребени. Набавката е без соодветно одобрение предвидено во ставот 2 на овој член.
Ваквото прекршување на Законот отвора можност за загрозување на националната безбедност и безбедноста на граѓаните, како и повреда на човековите слободи и права утврдени со Устав, закон и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот. Согласно со закон предвидените надлежности како Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, едногласно со поддршка од сите пратеници, без разлика на политичката партија, донесовме заклучок за оваа сомневање да го известиме Јавниот обвинител на Република Македонија.
Свесни дека во Република Македонија во минатото се случиле многу скандали од доменот на незаконското следење на комуникациите, должни сме да укажеме дека со ваквото евентуално прекршување на Законот за следење на комуникациите се создава можност за скандал од досега невидени размери.Од досега изнесеното, неминовно се поставува прашањето зошто, некој на помалку од два месеци пред заминување од функцијата, го прави ова токму во овој момент, кога се актуелни уставните измени?- праша Петрушевски.