Настинката никогаш не е пријатна, но никој не е целосно поштеден од неа, бидејќи според статистиките, просечната личност настинува два до трипати годишно. Повеќето настинки траат само три до пет дена, но затнат нос и кашлица можат да се задржат и до две недели, пишува „Живим“. Проблемот е што настинката може да потрае подолго или да се влоши поради некои нездрави животни навики (како консумирање храна што го ослабува вашиот имунитет) и однесувања, вклучително и оние за кои можеби сте мислеле дека се здрави.
Не престанувате да одите во вежбална
Вежбањето може да биде мелем за умот кога сте болни или барем малку да ви го подигне расположението. Но, немојте да го сфатите тоа како дозвола да вежбате со максимален интензитет кога сте настинати, бидејќи состојбата може да ви се влоши. Ако само ви тече носот или имате затнат нос, можете да вежбате, но со благ до умерен интензитет. Сепак, ако имате покачена телесна температура, кашлица, притисок во градите или проблеми со желудникот, почекајте со вежбањето додека тие симптоми не исчезнат.
Си велите дека не сте болни
Ако генерално верувате дека сè може да се победи со умот, оставете ја таа филозофија кога станува збор за настинката. Претворањето дека не сте болни може да ве натера да не ги ограничите вашите активности, а тоа значи дека може да се преоптоварите и да ги влошите симптомите, што ќе го забави закрепнувањето. Уште полошо, можете да ги изложите другите на ризик ако настинати одите на работа или вежбање. Вашето тело најдобро знае што му треба, затоа слушајте го и дозволете му одмор. Ако имате висока температура, повраќате, имате болки во стомакот, силно кашлате, ви е затнат носот или ви тече многу, останете дома.
Прескокнувате спиење
Можеби и вообичаено не спиете доволно и тоа го сметате за губење време, но кога сте болни, квалитетниот сон е неопходен за закрепнување. Недоволното спиење може да го намали функционирањето на имунолошкиот систем и да го продолжи времето на закрепнување од настинка. Проблемот е што симптомите како кашлица и затнат нос може да ви го отежнат сонот, па затоа лекарите препорачуваат земање безрецептни лекови за подобар сон. Сепак, имајте на ум дека добриот сон е уште поважен за превенција на настинката отколку за нејзино лекување. Едно истражување покажало дека луѓето кои спиеле помалку од пет часа во ноќта имале три пати поголем ризик да настинат во споредба со оние кои спиеле седум часа.
Сакате да испиете по некоја пијачка
Митот дека алкохолот убива штетни бактерии не важи за настинката, па затоа избегнувајте консумирање алкохол додека сте болни. Алкохолот директно го потиснува имунолошкиот систем и го продолжува времетраењето на болеста. Освен тоа, негативно влијае на квалитетот на сонот, кој, како што веќе споменавме, е клучен за закрепнување. Затоа, заборавете на алкохолните пијалаци додека целосно не оздравите.
Не го контролирате стресот
Хроничниот стрес и болеста се совршена комбинација за катастрофа. Долготрајниот физички или психички стрес може да го продолжи времето на закрепнување, бидејќи зголеменото лачење на хормони на стресот негативно влијае на имунолошкиот систем. Кога сте под голем стрес, вашиот имунитет е преоптоварен, што го отежнува борењето против настинката. Обидете се да се одморите што е можно повеќе и да се занимавате со релаксирачки активности, како медитација, прошетка со кучето или гледање филмови, за да го намалите стресот и да му помогнете на вашето тело побрзо да оздрави.