Од ССМ велат дека додека трае определувањето на репрезентативноста на синдикатите, нивните членови пријавуваат напади, но и притисоци да се отчленат. Сојузот на синдикатите не располага со вкупната бројка на работници кои немаат примено плата, или не им се исплатени додатоците или регресот, бидејќи само ги прибираат поплаките кои секојдневно пристигнуваат до нив, но според проценката на Иван Пешевски, потпретседател на ССМ, се работи за илјадницилица.
-Мора да престане хаосот со неисплатените плати и сите прекршувања на работничките права, ССМ ќе поднесе кривични пријави, а на работниците им нуди и бесплатна правна помош. Приватниот сектор е главен двигател на македонската економија, а ако сакаме да ја одржиме состојбата со квалификуваниот кадар, потребни се безбедни услови и повисоки плати. Во трудоинтензивните дејности платата не смее да биде помала од 50 или 60 илјади денари, а достоинствена плата не е минималец од 500 евра, туку 500 евра помножени со коефициентот за сложеност. До нас постојано пристигнуваат пријави за неисплатен регрес и за неисплатени додатоци на плата. Дури 12.234 работници, кои се обратија до ССМ, добија бесплатна правна помош. Протестите во Македонски шуми, Пошта, Водостопанство, ЗКП Пелагонија, Фени, МАНУ и оние на администрацијата кои ги организираше УПОЗ, вродија со потпишување на Колективни договори и исплата на плати – посочи Пешевски.
Според него додека трае определувањето на репрезентативноста на синдикатите, нивните членови пријавуваат напади, но и притисоци да се отчленат. -Ги повикуваме работниците да не наседнуваат на ваквите притисоци и да се приклучат кон Првомајски протест, а Владата и газдите конечно треба да ја побараат вината во себе за да не останеме и без овие работници кои ги имаме. Конечно треба да престане прекршувањето на работничките права особено онаму каде што нема организиран синдикат, оти газдите може да лежат и во затвор – додаде Пешевски.