Министерството за внатрешни работи не треба да довери на надворешна фирма да им изработи физибилити студија за нов систем за вадење пасоши и лични карти, туку тоа треба да го направи со своите сопствени капацитети кои и те како ги има внатре во институцијата, анализира за „Слободен печат“ професор Владимир Пивоваров, своевремено шеф на военото разузнавање, поранешен началник на СВР Куманово и национален координатор за гранично управување, сега во пензија. Тој вели дека причините за недоверувањето на физибилити студијата на надворешен субјект се меѓу другото и безбедносни.
Како што објави „Слободен печат“ МВР има намера да воведе нов внатрешен електронски систем за издавање пасоши и лични карти и да го промени стариот што се користи за сликање и земање отпечатоци од 2007 година. За оваа цел МВР ја ангажирало фирмата „Таргет Комуникации“ да им изработи физибилити студија. Со новото решение можно е да се изгради производствен капацитет во кој би се произведувале обрасците за лични документи внатре, во Македонија. Претходното искуство на фирмата „Таргет Комуникации“ со добивање тендери од државата според податоците на сајтот на Бирото за јавни набавки, е од сосема други области. Во 2022 изработиле физибилити студија за менаџирање со отпад за домаќинства за општина Теарце, а во 2023 изработиле студија за општина Гостивар за менаџирање со отпад и за оправданоста стадионот во Гостивар да се реконструира со концесија.
Но, неодамна, на 25 април Министерството за внатрешни работи ја ангажирало оваа фирма за да изработи физибилити студија за дефинирање нов систем за издавање патни исправи и лични документи, загарантирано снабдување и залиха на обрасци за личните документи, современ начин за апликација вклучувајќи сликање и земање отпечатоци на апликантите. Не добивме одговори ниту од фирмата ниту од МВР зошто на тендерот не се барале безбедносни сертификати за апликантите, ниту пак дали некој од фирмата поседува таков сертификат со оглед на тоа што системот за издавање на лични документи и персонализација има највисок степен на класификација. Во техничката спецификација МВР наведува дека ќе прави „безбедносен брифинг“ за лицата вклучени во пристапот до податоците или посета на локациите кои се со безбедносен степен на пристап.
-Кај нас со години имаме лоша практика кога се работи за сензитивни процеси и за суптилни теми, секогаш во такви ситуации да се потпираме на физибилити студија. Нормална и правна држава секогаш ќе се потпре на своите сопствени капацитети. Тоа значи дека најголемите пропусти и недостатоци што би довеле до идна евентуална ситуација како онаа што ја имавме во минатото – самите вработени во МВР се тие што треба да ги кажат своите недостатоци. Сите добро знаете дека во МВР во ИТ секторот работат многу квалитетни луѓе. Зошто парите да се одлеваат на физибилити студија?, прашува професор Владимир Пивоваров. Во врска со тоа што МВР го задржало правото да организира „безбедносен брифинг“ за вклучените што ќе ги посетуваат доверливите локации, Пивоваров објаснува дека брифингот нема никаков облигационен однос.
-Кон никого не носи одговорност доколку дојде до некое пробивање. А ова е сериозен проект, зашто на сите граѓани кои треба да добијат некој документ, ги има матичните броеви и лични податоци. Погледнете денеска колку злоупотреби со лични податоци се јавуваат во државата. Затоа, сериозните држави во самите министерства имаат свои служби кои ги изработуваат ваквите софтвери, хардвери кои го унапредуваат системот за поквалитетно и подобро работење на институцијата, изјави тој за „Слободен печат“.
Никаде во повикот за физибилити студијата не се поставува прашањето за финансискиот дел односно како унапредувањето и менувањето на системот за издавање лични карти, пасоши, возачки дозволи и дозволи за престој на странци ќе влијае врз џебот на граѓаните.
Дали граѓаните повторно ќе бидат оптоварени со некои дополнителни финансиски средства или не? Мојата препорака е физибилити студијата и од безбедносен и од економски аспект да си ја изработи самата институција Министерство за внатрешни работи. Затоа што МВР има доволно и правници и економисти а пред се, прекрасни информатичари. Ова е пред се работа на информатичарите која треба да биде завиена во обландата на правото. Има и добри правници во човекови ресурси и во другите организациони единици и не гледам причина и потреба да се изработува физибилити студија со надворешна фирма, изјави тој.
Според него добро е што МВР решило во Македонија да се изработуваат личните документи од почеток до крај. Но, потребен е таков производствен капацитет кој би овозможил безбедносна заштита. Според професорот ако тоа го прави македонска квалитетна компанија, тогаш таа би можела да се појави и на меѓународниот пазар. За ова ќе ѝ биде потребна квалитетна заштита на чипот на самата патна исправа, кој како што објасни Пивоваров за „Слободен печат“ бил главниот фактор и предуслов во 2009 година да добиеме безвизен режим заедно воведувањето на национален координативен центар за гранично управување.
-Во делот на изработка на документите, да, се сложувам дека најдобро е и од безбедносен и од економски аспект да се изработуваат во нашата земја. Прашање е дали имаме такви квалитетни печатници кои таквото нешто може да го постигнат. Доколку имаме, секако би било најдобро и економски и безбедносно, за да не бидат истите злоупотребени. Многу лесно бланко пасошите може да бидат злоупотребени, ни рече Пивоваров.Физибилити студијата според него треба да ја работат кадри на Министерството за внатрешни работи и тоа во правец на контрола и поставување одговорност кај човечкиот фактор односно вработените. Конкретно, за пасошката криза која настана во Македонија 2023/2024 година Пивоваров објаснува дека до ден денешен не е лоцирана вината кај никого иако точно се знае кои луѓе во МВР се задолжени на дневна основа да го следат одливот на бланко патни исправи, лични карти и возачки дозволи и да следат колку остануваат на залиха.
-Министерот не е тој што се спушта во депото за да види колку обрасци за документи има останато. Тоа го прават вработени со своја сопствена специфичност и одговорност. Тука лежеше одговорноста, во тие луѓе. Колку што ми е мене познато, тие ниту на време известиле за недостиг, а имаше дури и информација оти имало лажно известување дека во депото има уште 20-30 илјади патни исправи. Сепак на време треба да си се спроведе истрага, да излезе Министерството за внатрешни работи и да каже „вината е лоцирана таму и таму“. Зашто тогаш слушнавме дека ќе има одговорност, а одговорноста ден денеска не ја гледаме. Тука е главниот проблем. Зошто ако дојде уште една криза, пак ќе се вртиме во тој маѓепсан круг, изјави Пивоваров.
Контролно-надзорната функција над вработените во системот за издавање лични документи, тогаш била затаена, смета Пивоваров и затоа физибилити студијата треба да има добра проценка на овој контролен механизам. Во иднина, и да направиме најдобар систем и се најдобро, а таа контролно-надзорна функција врз луѓето што работат на ваква проблематика не постои, тоа ќе доведе до еден голем хаос, смета тој.
-Од она што го набљудував последните години додека бев таму, факторот човек е тој кој може најмногу да допринесе за успорување на издавање патни исправи и за сите останати негативности. Во јавноста се создаде голем револт затоа што доцнеа патните исправи и по брза и во редовна постапка. Тие процеси тогаш беа заборавени, роковите пробиени, никој за ништо не одговара и повторно продолжуваме исто. Немањето одговорност никаде за ништо доведува во ситуацијата во која сме доведени до сега. За поздравување е ако овој процес биде надграден, поекономичен, побезбеден, тоа е за поздравување. Но начинот на кој се работи тоа, треба да е со сопствени сили на институциите, кои може да се мотивираат со прекувремени часови и награди, да го направат системот на сериозниот проект подобар, што на долг рок би било поевтино и