“Никој, ама баш никој не знае какво е чувството кога резултатите ќе покажат дека твојот организам се соочува со канцер.. Најпрвин си го поставуваш прашањето „што ќе биде сега со мене“ и си велиш во себе „морам да бидам силна, мора да живеам за моите деца, за моето семејство и ќе излезам како победник за да ги пораснам децата! Сакам да живеам и ќе издржам!“. Но, освен дијагнозата, се соочуваш и со сите предизвици што ги носи еден запоставен здравствен систем, затоа што не знаеш со која пипка од октоподот треба да се бориш, дали тоа е финансискиот дел, кој за жал знае да ја надмине сумата и од 4,5 илјади евра. Немаш помош од никого и си оставен самиот на себе и потесното семејство.
Нема патека на движење, немаш одговори на милион прашања кои постојано во тие моменти поминуваат низ глава. Патот те води на Клиниката за онкологија и имаш состојба која е хаотична. Гужвата таму е секојдневие, а еден доктор во просек има и по стотина пациенти, некои од нив чекаат по 4,5 часа, има млада девојка до тебе која нема пари да си купи градник, па кажува дека зема од пазарче којшто го крпи за да вметне протезата. А, перика за жал до ден денеска ја немаме!!! Не би била јас Македонка, доколку не го кренам гласот и не кажам јавно за проблемите со кои како пациенти се соочуваме! Па, така убаво прстот го вперив во тогашните министер за здравство и министерката за труд и социјална политика. По моите објави, веќе следниот ден бев повикана во нејзиниот кабинет, кадешто дојде министерот Д-р Венко Филипче! Проблемите ги поставивме на масата, за дел од нив пронајдовме решение.
Тој ни подаде рака заеднички да ги менуваме состојбите во македонското здравство на подобро. Во неговиот мандат за првпат пациентките оперирани од карцином на дојка добија ортопедски градник за силиконска дојка. Покрај најсовремената биолошка терапија од која многу пациентки изминативе години го победија карциномот, за првпат беше воведена и услугата бесплатна психолошка поддршка за онколошките пациенти при лекувањето! Во текот на целата пандемија непречено се спроведуваа мамографските скрининзи, а над 30 нови молекули кои не се на позитивната листа на лекови станаа достапни и бесплатни за пациентите на кои им е неопходен третман, за пациентите со тешки хронички и онколошки заболувања!
Додека ја извршуваше функцијата министер, Венко беше достапен и спремен да помогне на секого, и за тоа сме му бескрајно благодарни! Прв доаѓаше, а последен си одеше во Министерство и секогаш можевме да тропнеме во неговиот кабинет било кое време, без претходно да се најавиме. Достапен беше за комуникација во секое време, ни враќаше на пораки во 6 часот наутро, преку ден кога е со милион обврски, но и навечер во 11 часот кога е итно. Па најчесто си го поставувавме прашањето „кога човеков спие и одмара!?“. И кога беше најтешко тој не се откажа, знаеше да каже по некоја смешка којашто ќе не отргне од секојдневните мисли. Венко е човекот со прекрасна насмевка зад која се крие личност со добро срце. Кога беше напаѓан и критикуван, се вложуваше уште повеќе во работата, и на секоја критика враќаше со добрина!
Здравството буквално го крена на здрави нозе, коешто со години наназад стоеше на стаклени нозе. Сакаше да направи уште повеќе, но за жал понекогаш успехот не се простува. И после неколку години, тој е омилената личност кај граѓаните! Зошто? Затоа што помогнал на многу пациенти, ги вратил насмевките кај најмалите – децата, а родителите искрено го сакаат. За неколку години ги подобри условите на повеќе од 40 здравствените установи, воведе нови терапии за пациентите со ретки болести, дијабетичарите користат инсулин со сертификат за квалитет за разлика од порано кога примаа инсулин од паралелен увоз. Вложуваше во здравствените работници преку вработувања на голем број млади лекари, специјализанти, едукација на здравствениот персонал, а платите никогаш не биле волку покачени како во неговото време.
Венко се бореше на повеќе фронтови: зголемување на плати, вработување на здравствени работници и млади лекари, воведување на нови лекови, зајакнување на примарната здравствена заштита, подобрување на инфраструката и набавка на нови модерни апаратури! Денеска, првпат после неговата оставка се сретнавме сосема случајно. Со убава енергија, со насмевка, со искреност во неговите очи. Поразговаравме за времето со и после него. За жал, наместо да бидеме поуспешни и да продолжи унапредувањето на системот, наеднаш се забележи забавеност. Од мое име и од името на онколошките пациенти сакам да му се заблагодарам за поддршката којашто ни ја даваше и да се потсетиме на дел од неговите достигнувања.