По трагедијата во Кочани, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изнесе десетина барања до надлежните институции со цел прекинување на праксата на неказнивост и селективна правда. Од таму велат оти недостигот на одговорност и селективната примена на закони создале амбиент во кој трагедиите се очекуван исход, а оти без еднаков третман пред законот и системски реформи, трагедиите ќе продолжат да се повторуваат. Првото од нивните 11 барања на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата е целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани, без политички влијанија, како и редовни јавни брифинзи од Обвинителството за планот и текот на истрагата, без нејзино попречување. Од таму бараат и реформи во казнената политика, строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, како и одговорност од институциите и компаниите кои не ги исполнувале обврските. Притоа, велат оти е потребно да се утврди зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и дополнително, бараат да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.
„Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат н контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати“, наведуваат од Платформата за граѓански организации за борба против корупцијата. Во однос на проверките при вонредните надзори, од невладината организација посочуваат дека само административната проверка не е доволна, а оти инспекциите треба да опфатат теренска и темелна проверка за да се утврди кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди. Од аспект на проверките, повикуваат на проверка и на анкетните листови на инспекторите и службениците кои одлучуваат за доделување на лиценци и дозволи, со цел, како што велат, да се откријат евентуални конфликти на интереси или коруптивни врски.
„Понатаму, ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци. Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци“, доодаваат од организацијата. Посочуваат оти најавените законски измени не смеат да се користат како оправдување за сите претходни незаконски постапувања и дека за досегашните направени пропусти мора да има одговорност дури и ако во меѓувреме се смени законската рамка. Во насока на одговорноста, посочуваат дека е потребно воспоставување вертикална одговорност во институциите и дека секој што дозволил функционирање на небезбедни објекти од најниско до највисоко ниво мора да сноси одговорност – дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.