Хрватска ќе продолжи да ѝ помага на Украина, но нема да испраќа војници таму, ниту пак планирала, изјави во Париз хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. „Имаше многу земји овде денес кои сакаат да продолжат да ѝ помагаат на Украина, вклучително и Хрватска, без да имаат амбиција да испратат свои војници на украинска територија“, рече Пленковиќ по состанокот на околу 30 лидери за мирот и безбедноста во Украина. Ова е трет самит на т.н. „Коалиција на подготвени“, која би се состоела од земји кои се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина. Средбата во Париз беше најголемата досега. „Оваа дискусија што се одржува во Париз е дискусија за безбедносната архитектура на Европа и за Хрватска е многу важно, исклучително важно да биде на масата на која се носат одлуки за прашања поврзани со нашата слобода, нашата безбедност и нашата економска и социјална стабилност“, рече Пленковиќ.
Тој додаде дека Хрватска досега има обезбедено 12 пакети помош за Украина и дека тоа ќе продолжи да го прави „бидејќи само силна Украина, политички цврста и воено зајакната, може да биде рамноправен учесник во претстојните преговори“. Во врска со можното испраќање војници во Украина, Пленковиќ рече дека оваа одлука се уште е далеку и дека се разговара за неколку сценарија. Еднo од нив, за коe се претпоставува дека е прифатливo и за Украина и за Русија, ќе биде испраќање војници со мандат од ОН, кои нема да доаѓаат од земјите-членки на НАТО или ЕУ и би биле распоредени најблиску до линијата на поделба. Пленковиќ вели дека основната цел на Русија во преговорите што ги води со САД е да донесе разединување во НАТО и ЕУ и повторно да го воспостави својот дијалог со Вашингтон и преку тој дијалог целосно да ја рехабилитира својата меѓународна позиција. „Во овој процес за Русија е поважно да се врати на меѓународната сцена отколку да се интересира за деталите и нијансите на прекинот на огнот и мировниот договор“, рече тој. За американската позиција, Пленковиќ вели дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да се претстави пред својата јавност како миротворец, а дали тој мир, без разлика дали во Украина или во Газа, ќе биде праведен, нему му е помалку важно.