Висока температура која трае со денови, без други клинички симптоми, а потоа болки во телото, малаксаност, главоболки, па и вртоглавици, кои траат и до четири недели, се причината поради која мноштво пациенти периодов ги полнат ординациите на матичните лекари. Мета поразговара со лекари кои велат дека пациентите кои кај нив се обраќаат за помош имаат плејада од измешани симптоми.
„Имаме зголемен број на пациенти со вируси и грипови, кои имаат висока температура и немаат други клинички симптоми, но отпосле имаат главоболки, чусвтвуваат малаксаност која трае долг временски период, од 3 до 4 недели, а знае истото и да им се повтори. Ова е појава и кај малите деца, но и кај возрасните. Она што е карактеристично се вртоглавиците, а потоа следува и изгубеност во однесувањето, подзабораваат, малаксаност и поспаност. Антибиотик не давам при вакви вируси, но им давам инфузија со витамини, оти со тоа добиваат сила и веќе утредента доаѓаат со подобрена клиничка слика“, вели д-р Весна Стојанова Анастасовска, педијатар и семеен лекар во „Медико Марија“. Според неа, посериозни компликации не се честа појава, односно од 20 прегледни пациенти едно до две се со бронхит и пневмонија.
„Она што е поразлично годинава е и тоа што пациенти се жалат на болки во грло, а на крвна слика имаат мирно ЦРП (Ц реактивен протеин). Клиничката слика не кореспондира со крвната слика, па не знаеме дали се работи за вирус, настинка или грип. Треба да се направат тестови, но луѓето не ги прават оти тие се плаќаат. Владее нешто што трае, споредливо е со ковид. Не велам дека е ковид, но е нешто слично“, додава Стојанова Анастасовска. И д-р Бојан Трајковски од „Медика Вера“ вели дека периодов се забележува продлабочување на симптомите и дека кај пациентите се јавува поинтензивен симптоматски блок на состојби.
„Разликата е во поинтензивните симптоми што се развиваат кај пациентот, но и во долгорочноста на траењето на симптомите. Тоа се должи на некој претходен пад на имунитетот, на аерозаадувањето кое е големо. Исто како кај ковид, и сега имаме пад на имунитет. Истите тие симптоми болки во грло, респираторни проблеми, синузити се многу поактивни. Се мешаат луѓето многу, децата почнаа да одат на настава, па тие стафилококи и стрептококи се секојдневие. За вирусните и грипозни состојби не се дава терапија речиси никаква, даваме најчесто витамини Д, Ц, а анитиботици, само ако имаме лабораториски потврдена клничка слика. Имаме зголемена бројка на пациенти, можеби за 40 отсто повеќе од декември. Пикот го очекуваме сега, од средината на февруари“, вели Трајковски. Тој додава дека пациентите знаат често да се лечат и дома, или пак, да му се обраќаат телефонски за помош.
„Давање на било каков совет телефонски, на база на кажани симптоми од страна на пациентот, нам лекарите ништо не ни значи. Можам да советувам што да прегледа, дали да направи крвна слика, рентген, брис. Најчесто давам совет да дојдат во ординација или да одиме ние дома кај пациентите, бидејќи имаме и таква опција. Луѓето паничат, но не е нешто што досега не сме го виделе и не е нешто што нема да помине. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во период од една недела, во државата се пријавени 2.880 случаи на грип и болести слични на грип. од нив, 1.552 лица се на возраст од 15 до 64 години, 685 кај деца на возраст од 5 до 14 години, 371 се деца на возраст до 4 години и 272 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до 4 години.
„Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 11.614. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 10,2 отсто, а во однос на моделот од последните 14 сезони се регистрира зголемување од 11,8 отсто“, пишува во извештајот на ИЈЗ.