Авто школите и техничките прегледи под надзор. Децата ќе учат сообраќајни правила уште од градинка, медиумите ќе помогнат во борбата за побезбеден сообраќај! Ова се дел од донесените заклучоци по Јавната расправа. Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците усвои десет заклучоци од Јавната расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот, одржана на 7 февруари годинава во Собранието. Едногласно со 14 гласа „за“ собраниската Комисија, денеска ги усвои заклучоците со кои се укажува на потребата од:
1. Намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај преку подигнување на одговорноста и свеста на сите учесници во сообраќајот и преку елиминирање на неказнивоста на сторителите; 2. Заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за безбедност во сообраќајот Законот за јавните патишта, Законот за извршување на санкциите и нивно меѓусебно усогласува најдоцна до крајот на 2025 година; 3. МВР да ги забрза активностите околу целосно и ефикасно имплементирање на системот „Безбеден град“, кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци најдоцна до крајот на годинава 4. Меѓуресорски стратешки акциски план за забрзување на активностите за вмрежување меѓу МВР со судовите и обвинителствата со што ќе се овозможи побрза комуникација и намалување на можностите од злоупотреба на системот; 5. Судовите својата работа да ја темелат на почитување на законските начела со посебен акцент на непристрасноста, да ги применуваат законските одредби во целост и изречените казни да се во согласност со тежината на прекршокот и да се имаат предвид мерките кои може да се применат да ја спречат можноста од повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот; 6. Надлежните институции да обезбедат поголема контрола на Авто школите и постојана едукација на инструкторите; 7. Надлежните институции да обезбедат поголема контрола во Центрите за техничка контрола на исправноста на возилата во сообраќајот; 8. Превентивни мерки со предлог Акциски план за нивно реализирање и се препорачува РСБСП да ги засили своите активности во насока на подигање на јавната свест, притоа истакнувајќи ја личната одговорност на секој поединец кој на било кој начин учествува во сообраќајот; 9. Поттикнување од едукативно-превентивни мерки во градинките и училиштата во однос на сообраќајната култура и спречување на насилството; 10. Медиумите да ја имаат во предвид важноста на едукативните програми и содржини како превентивни мерки за спречување насилно однесување во сообраќајот и во сите области од секојдневното живеење;
Заклучоците ќе бидат доставени до Владата, РСБСП, АВМУ и сите поканети учесници на оваа јавна расправа, а ќе бидат објавени и на веб-страницата на Собранието. Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, на почетокот изрази благодарноста до сите учесници во работата и до пратениците. – Над 95 проценти од пратениците ја разбраа важноста на оваа јавна расправа и потребата од делување во општеството, секој согласно своите надлежности и сите 95 проценти од вкупниот број на пратеници и пратенички групи одлучија дека за вакви работи никој никогаш не смее да политизра и се надевам дека и во следниот период Собранието ќе испраќа се почесто овакви пораки – нагласи Пренџов. Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска нагласи дека сите треба да сме свесни дека превенцијата е многу поважна од зголемување на казнената политика. – Ако не добиеме сите лекција како општество и не се потрудиме од најмали нозе децата да разберат што значи да се учествува во сообраќајот, што значи дека еден човек кога ќе влезе во возило е потенцијален убиец, што значи ако не се почитуваат правилата, што значи ако судовите не судат како што треба, што значи ако родителите бараат врски ако децата направат нешто… ако таа лекција не ја имаме сите … Можеби требаше да ги ставиме понапред во заклучоците, а не на крај, бидејќи според мене се многу поважни – изјави Мираковска. Во расправата учествуваа претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, судии, јавни обвинители, невладини организации, медиуми и останати општествени чинители. Не се вклучија пратеници, а нејзино продолжение на кое ќе бидат посочени заклучоци ќе биде дополнително закажано. Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на бул. „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.