Организаторот посочува оти добитниците на наградите кои ги исполнуваат условите за финансиска поддршка ќе добијат парична награда од 7.500 евра за прва награда и 4.500 евра за втора награда. Отворен е повикот за апликации за шестото издание на Наградата на ЕУ за ромска интеграција во Западен Балкан и Турција, соопштија од Рома Актив Албанија кои ја доделуваат наградата. Како што велат тие ова издание е посветено на позитивните постигнувања за вклучувањето на Ромите во секторот образование. „Интеграцијата на Ромите е клучен приоритет во процесот на проширување на ЕУ, а Европската комисија е посветена на поддршка и признавање на работата на актери од ромската и не-ромската заедница (јавни институции, приватни компании и граѓански организации) во оваа област“, се вели во соопштението. Како што додаваат, наградата на ЕУ за ромска интеграција во Западен Балкан и Турција има за цел да ја зајакне политичката посветеност и да ја поддржи интеграцијата на Ромите во регионот. Таа ги препознава иницијативите кои значително ги подобриле животите на Ромите и кои можат да бидат реплицирани во иднина. Претходните изданија на наградата биле фокусирани на:
- Важната улога на организациите кои работат за интеграција на Ромите (прво издание).
- Инклузијата, интеграцијата и зајакнувањето на ромската младина (второ издание).
- Непознати херои – Ромки кои преку својата работа и посветеност ја подобрија социјалната интеграција на Ромите (трето издание).
- Личности кои промовираат еднаквост преку вработување (четврто издание).
- Интеграцијата на Ромите во Зелената и Дигиталната транзиција (петто издание).
- Шестото издание на наградата ќе ги признае иницијативите кои постигнале
значаен напредок, конкретни одржливи резултати и позитивни промени во секторот образование (предучилишно, основно и средно ниво).
Наградата е финансирана од Европската Унија и имплементирана од Roma Active Albania. Краен рок за аплицирање: 28 февруари 2025 година. Организаторот посочува оти добитниците на наградите кои ги исполнуваат условите за финансиска поддршка ќе добијат парична награда од 7.500 евра за прва награда и 4.500 евра за втора награда. „Сите наградени ќе добијат студиска посета во Брисел, Белгија. Секој победник ќе добие статуетка како симбол на признанието доделено од страна на ЕС DG NEAR и самиот настан. Сите наградени ќе имаат меѓународно признание преку церемонијата на доделување на наградата во Брисел и дополнително ќе присуствуваат на активностите што ќе се спроведуваат во исто време со доделувањето. Студиската посета ќе следи по доделувањето на наградите“, се вели во соопштението. Повеќе информации за аплицирањето може да се најдат на следниот линк. Извор: Новинска агенција МЕТА