Додека полициски службеници и јавен обвинител вршеле увид по вчерашната сообраќајка на експресниот пат кај Крива Паланка, влетал друг автомобил кој удрил во паркирано возило, повредил четворица полицајци, а тешко повредена е и сопатничката. Како што соопшти обвинителството, најпрво на истото место вчера автомобил „фолксваген голф“ излетал од патот и се превртел, при што животот го загубил еден од сопатниците во автомобилот. Неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди.
Јавниот обвинител ги презел сите дејствија за обезбедување на доказите и за испитување на причините за несреќата, а за починатиот издале наредба за обдукција. Но, додека на лице место вршеле увид, влетал друг автомобил, „кој најверојатно според првичните сознанија поради неприлагодена брзина“, удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници. Во сообраќајната несреќа потешко повредена е и сопатничката во автомобилот.
Јавниот обвинител постапува и презема дејствија за испитување на причините и за оваа несреќа. Експресниот пат Крива Паланка – Страцин на кој се случија двете сообраќајни несреќи беше пуштен во употреба од страна на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски на 4 јануари 2025 година.