Прагот на алармирање поради загадувањето на воздухот во Скопје е надминат, соопшти попладнево Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Оттаму информираат дека согласно уредбата во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрограми и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), истиот е надминат на мерните места во Центар и Лисиче.
Ова е вторпат зимава како прагот на алармирање поради аерозагадувањето во главниот град е надминат, откако за првпат тоа се случи во саботата, додека прекинат беше во вторникот. Согласно податоците што ги соопшти МЖСПП, среднодневните концентрации на ПМ-10 честичките во Центар вчера изнесувале над 175 микрограми на метар кубен, а во средата 198 микрограми на метар кубен. Мерната станица во Лисиче, пак, покажала 196 микгрограми вчера и 193 микрограми на метар кубен пред два дена. Поради надминувањето на прагот на алармирање во Скопје, на сила повторно ќе стапат препораките и мерките за заштита од аерозагадување. Скопје во моментов се наоѓа на 19 место во светот според загадувањето на воздухот на IQ Air.