Погребот на починатите во пожарот во Кочани ќе се одржи утре. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во Облешево. Останатите погреби ќе се одржат исто така во текот на утрешниот ден во различни временски периоди. – Свештениците од локалните цркви ќе ги контактираат сите ужалени семејства со детали околу погребот – информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму ги замолуваат сите граѓани на разумно постапување и достоинствено испраќање на жртвите во трагедијата во Кочани. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) апелираше до медиумите при информирањето за погребите на жртвите во трагичниот пожар во Кочани, да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди. Во пожарот што се случи во неделата рано сабајле загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.