Подготвен е протокол според кој идната недела ќе бидат пречекани првите пет пациенти кои што се лекуваат надвор од државата, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Како што соопшти Таравари, петте пациенти се очекува да пристигнат во среда или четврток, а ќе бидат пречекани од специјални екипи и возила кои ќе се придржуваат до протоколот и информациите за состојбата на пациентите, по што, појасни, ќе ги сместат во болниците од каде биле претходно пуштени пациентите, каде ќе им биде направена првата тријажа. – Протоколите ќе бидат објавени на нашата веб-страница, исто така ќе бидат испратени и до Министерство за надворешни работи, како и до сите други држави. Ќе имаме специјални екипи кои што ќе работат со овој протокол кои што ќе се придржуваат до информациите за состојбата на пациентите кои што треба да ги добиеме. Ќе има специјална екипа која што ќе ги прифаќа и специјални возила кои што ќе ги пречекаат и сместуваат во болниците. Првата тријажа ќе се направи во болницата од каде што е пуштен пациентот, па ќе бидат хоспитализирани во болници каде што треба. Доколку нема потреба ќе се пуштаат на домашно лекување – рече Таравари.
Секоја фаза, посочи, има свои компликации и потешкотии, појаснувајќи дека во оваа фаза постои ризик од развивање на инфекции, затоа, рече, состојбата на пациентите може да флуктуира. – Јас кажувам каква е моменталната состојба на пациентите. Одредени пациенти веќе добиваат антибиотици за да се превенираат тие инфекции, така што се надевам и тие што ќе пристигнат, веќе зборувавме за стерилизирање на автомобилите со кои што ќе дојдат, како и собите каде што ќе се третираат, така што се надеваме на што помалку компликации и подобро здравје на сите тие што ќе се вратат во државата – рече Таравари. Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите, додаде, ќе бидат од нашата држава, а во зависност од каде и со што ќе доаѓаат, така ќе бидат и пречекувани.