Двајца новинари од Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН) во Србија биле мета на неуспешни обиди на нивните мобилни телефони да биде инсталиран подмолниот шпионски израелски софтвер „Пегасус“, покажа форензичката анализа на „Амнести Интернешнал“. На 14 февруари, во растојание од неколку часа, двајцата новинари на БИРН во Србија добиле порака на „Вајбер“, напишана на српски јазик и испратена од истиот непознат број. -Дали имаш информација што е следно? Слушнав дека нешто сосема поинакво…“, гласела едната порака, напишана како да доаѓа од новинарски „извор“. Пораките содржеле линк кој им го активирал предупредувачкиот аларм. Ниту еден од новинарите не кликнал на линкот и веднаш се обратиле во „Амнести Интернешнал“ за техничка поддршка односно да им бидат проверени нивните мобилни телефони од страна на безбедносната лабораторија.
Шест недели подоцна, БИРН може да потврди дека двете пораки се дел од обидот да се инсталира шпионскиот софтвер „Пегасус“ на уредите на новинарите. Откривме дека пораките што содржеа линкови со домејн на српски јазик, кој може со голема уверливост да се атрибуира на „Пегасус“ софтверот за шпионирање од НСО групацијата, изјави Донча О’Цеарбхаил, раководител на безбедносната лабораторија на „Амнести Интернешнал“. Развиен од израелската сајбер-разузнавачка фирма НСО груп, „Пегасус“ е еден од најсофистицираните и инвазивни дигитални алатки за шпионирање, кој на тој што таргетира му дава целосен увид во СМС пораките, мејловите, камерата, микрофонот, сите фајлови, без новинарот да знае дека е инсталиран. Целиот текст прочитајте го овде.