Од менаџерскиот тим дадено е уверување дека до 25 март ќе биде исплатена и платата за февруари, ќе биде исплатена 13-та плата за 2023 година и ќе биде извршена доплата за разликата од помалку уплатената плата за декември 2024 година. На вработените во „Факом“ веќе им е исплатена платата за јануари 2025 година, а исплатен е и регрес за годишен одмор за 2024 година, информираат од Сојузот на синдикатите. Откако пред десетина дена Синдикатот на работниците од индустријата, енергетиката и рударството на Македонија – СИЕР и ССМ заедно со работниците организираа штрајк во кругот на фабриката, поради неисплатените плати, ланскиот К-15 и тринаесеттата плата за 2023 година, во изминатиот период се воделе преговори со менаџерскиот тим, кои почнаа да го даваат првичниот резултат, додаваат од ССМ.– Од менаџерскиот тим е дадено уверување дека до 25 март ќе биде исплатена и платата за февруари, ќе биде исплатена 13-та плата за 2023 година и ќе биде извршена доплата за разликата од помалку уплатената плата за декември 2024 година.
Во процесот покрај СИЕР и ССМ, се вклучи и Владата со чија помош се исплатени средствата што од буџетот не биле исплаќани на работодавачот, што значително придонесе да се исплатат заостанатата плата и К-15 на работниците – додаваат од ССМ. Според изјавите на претседателот на СИЕР, Игор Герасов, платите во изминатиот период во траење од една година не се исплаќале редовно. Во компанијата што на македонскиот пазар опстојува 65 години, работат 550 лица. Тој појасни дека во изминатата година „Факом“ покажал загуби од околу 200 милиони денари, но и дека компанијата има нарачки за работа за наредните три години. – Компанијата има договорени договори за наредниот период, но проблемот е што работниците не се платени, иако го имаат изработено своето – нагласи Герасов. Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов изрази загриженост поради, како што рече, повторното појавување олигархиски практики и повикува институциите да се погрижат за заштита на работниците.