При заемите за реализација на инфраструктурните проекти кои ќе произлезат од новиот договор со Обединетото Кралство, државата ќе го користи кредитниот рејтинг на Велика Британија (ААА), а не сопствениот (ББ), што значително ќе ја намали каматната стапка на годишно ниво. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање во врска со каматната стапка за заемите кои ќе произлезат од договорот, а според пресметките, таа би била пониска од 4,5 отсто. Како што рече Мицкоски, каматата ќе биде „најдобрата што можеме во овој момент да ја добиеме како држава на пазарот“.
Овој механизам за финансирање е дел од Договорот за партнерство меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство, кој моментално се разгледува во Собранието. Според Мицкоски, не е предвидено непосредно задолжување кај конкретна финансиска институција. Наместо тоа, Министерството за финансии ќе распише јавен повик на меѓународниот пазар, каде што ќе учествуваат 18 до 20 потенцијални кредитори, вклучително и големи европски банки. Од нив ќе се избере оној што ќе понуди најповолни услови, и тоа преку транспарентна, конкурентна и отворена постапка.
Сепак, премиерот потенцираше дека сè уште не е отворен официјален дијалог за детали околу финансирањето и дека од она што го зборува „не е тоа сè официјално, кога ќе биде ќе излеземе повторно и ќе го кажеме“.Премиерот нагласи дека не е точно оти се кријат детали од договорот и ја отфрли критиката дека договорот отвора можности за корупција, нагласувајќи дека Обединетото Кралство не е земја од која „може да се краде“.
„Зарем може некој денеска да зборува за коруптивна зделка со Обединетото Кралство? Ајде нека ми објасни некој како можете да крадете од Обединетото Кралство. Еве нека дојде некој, нека ми каже“, рече Мицкоски, додавајќи дека каматната стапка ќе биде пониска затоа што „ние го користиме кредитниот рејтинг од ОК, кој е ААА“.
Во однос на времетраењето и отплатата, предвиден е грејс период од пет години, при што, како што рече премиерот, првата фактура би пристигнала на 1 јануари 2027 година. На новинарско прашање дали каматата ќе се пресметува во овој период и дали ќе биде капитализирана, премиерот не даде конкретен одговор, велејќи дека тие детали ќе бидат познати откако ќе се отворат конкретните преговори со избраниот финансиер.
Во делот на економската соработка надвор од инфраструктурата, Мицкоски најави и потенцијален стратешки инвестициски проект. Поточно, како што рече, потпишан е меморандум кој пред две недели поминал на владина седница. Во него британска компанија изразила подготвеност да инвестира меѓу 250 и 300 милиони евра во безбедносно ориентиран производствен капацитет во Македонија, кој би генерирал извоз од една милијарда евра годишно. Засега, проектот е под договор за доверливост, но според премиерот, штом се финализира, деталите ќе ѝ бидат соопштени на јавноста.
Инаку, Договорот за партнерство за финансирање на инфраструктурни проекти беше потпишан на 22 мај 2025 година во Лондон, како дел од напорите за унапредување на билатералната соработка во сферата на критичната инфраструктура, енергетиката, здравството и дигиталната трансформација. Тој следи по неколку постојни билатерални документи, вклучително и Декларацијата за стратешко партнерство и договорите за соработка во трговија, одбрана и борба против организираниот криминал.
Проектите предвидени во Анекс А на договорот опфаќаат реконструкција на болници во повеќе региони, изградба на брза железница по Коридорот 10, развој на Коридорот 8, дигитализација на државната управа и зголемување на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.
Според договорот, во делот „Програмско финансирање“, двете влади ќе соработуваат за мобилизација на средства за приоритетните проекти преку британскиот Инструмент за финансирање на извозот (UK Export Finance – UKEF). Сепак, поддршката од UKEF ќе зависи од правна, финансиска и евалуација на ризикот за секој поединечен проект, а вкупните средства што можат да се стават на располагање, односно да бидат одвоени како заеми, изнесуваат до 5 милијарди фунти.
Во делот за Статусот на договорот е прецизирано дека истиот не создава правно обврзувачки обврски ниту за двете страни, ниту за трети страни. Секој спор што би произлегол од неговата примена ќе се решава преку пријателски консултации, без можност за судски или арбитражен процес. Договорот е замислен како политичка и стратешка рамка, а не како класичен меѓународен договор со обврзувачка сила.
Во членот за влегување во сила и времетраење, договорот предвидува важност од 10 години од денот на стапување во сила, со можност за раскинување со писмено известување 60 дена однапред од страна на која било од страните. Прекинувањето нема да има ефект врз проектите кои се веќе започнати.
Надлежни за спроведување на договорот ќе бидат пет министерства, вклучувајќи ги Министерството за транспорт, Министерството за здравство, Министерството за енергетика, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за надворешни работи и трговија, кои ќе ја координираат реализацијата на договорените активности и инфраструктурни проекти.