Пожар попладнево избувна во шумската област Агиос Никитас на Лефкада, јавија грчките медиуми. Пожарот избувнал во близина на плажата Катисма. Според Противпожарната служба, за инцидентот биле известени во 16 часот и 40 минути и засега нема извештаи за непосредна опасност по околните домови. Нешто пред 18 часот жителите преку 112 биле предупредени да бидат подготвени, а вторпат да се евакуираат.
„Бидете внимателни и следете ги упатствата на властите“, беше првата порака, а неколку минути подоцна, поради близината на фронтот до Агиос Никитас, беше испратена уште една порака за евакуација.
„Ако сте во областа Агиос Никитас, оддалечете се кон Лефкада. Следете ги инструкциите на властите“, гласи друга порака.
Пожарот го гаснат 34 пожарникари со две групи планинари, 10 возила и еден хеликоптер. Во погодената област дува многу силен ветер, јави ЕРТ њуз.