
Сместен на огромна површина со неколку сектори каде што порано вежбале младите возачи, сега уште на влезот е видливо дека влегувате во „хорор приказна“ – скршена рампа и цели кратери на улицата, околу која, додека пристигнете на познатата ширинка, ќе „ве пречекаат“ неколку планини од ѓубре. „Слободен печат“ отиде на терен и увиде дека ситуацијата е и повеќе од загрижувачка. Веце-школки, двоседи, фотелји, пластични буриња од непознати течности, кабаст отпад, автомобилска каросерија, картони. На овој полигон можете да пронајдете, а очигледно и да оставите, сѐ што не ви е потребно без никаква санкција и последица, а потврда за тоа е количината ѓубре расфрлена по бетонот.
Покрај сиве овие ѓубришта, донекаде и очекувано, целиот овој простор е исполнет со високи неискосени треви што според фотографиите на нашиот фоторепортер, со месеци не го добиле потребното внимание од надлежните.

Низ годините се менувала и надлежноста за овој поранешен полигон, сега див паркинг, но и див полигон каде што дел од младите скопјани доаѓаат и ги вежбаат полигонските вежби пред полагањето на возачкиот испит на актуелниот полигон сместен зад средното училиште „Боро Петрушевски“. Пред неполни четири години, тогашниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов по повод Светскиот ден за заштита на животната средина изјави дека не случајно го одбрале ова место за одбележување на овој ден, простор од огромна важност за Градот и за Владата, а градоначалникот тогаш најави сериозни проекти за решавање на овој огромен запустен полигон како регулиран зонски паркинг, кошаркарски игралишта и слично.


За жал, ниту еден од најавуваните проекти не е започнат, местото не е уредено да изгледа баш како простор што доликува на центарот на Скопје, без ѓубре, со зонска паркинг-зона и целосно обновен асфалт наспроти традицијата на локалните власти да ги „пополнуваат“ уличните кратери.
На прашањето до Градот зошто местото е оставено запустено и валкано, оттаму ни одговорија дека тој простор не е во нивна надлежност, туку е поделен на Општина Центар и правно лице, кое има откупено дел од поранешниот полигон.
– Имотот кај полигонот е дел општинска дел приватна сопственост. Град Скопје нема имот ниту надлежност на тој имот, за одржување ќе мора да се обратите кај сопствениците односно кај правните лица и во Општината. Општина Центар е надлежна да постапува и располага со инспекторат. Зошто не постапува и не санкционира, немаме информации – велат од Град Скопје за „Слободен печат“.

Од Општина Центар ни потврдија дека дел од овој запуштен полигон е веќе некое време приватно земјиште, а за останатиот дел тврдат дека не знаат кој точно треба да стопанисува со овој простор. – Да, дел од просторот каде што имаше дискотека е подолго време приватно земјиште, ние проверивме и можеме да ве информираме само дека тврдењата на Град Скопје дека Општина Центар е надлежна за поранешниот полигон се неточни, но земјиштето е во државна сопственост- кратко брифираа од Општината.
Земјиштето е државно, но очигледно надлежностите за неговото одржување се толку измешани, што дури ни Градот, а ниту Општината не знаат точно кој е вистинскиот „стопан“ на неуреден простор, исполнет со голем број диви депонии.

Фактот дека никој не е надлежен, а ѓубрето се таложи, е фасцинантен бидејќи во изминатите десетина години, скопјани на ова место наместо нов асфалт, регулиран паркинг и осветлување добија безброј празни ветувања, кратери по полигонските улици, огромни депонии што постојано никнуваат и нивниот број се зголемува без конкретно и долготрајно решение од страна на надлежните со кое ова место повторно би „заживеало“ како фреквентен простор каде што граѓаните ќе можат да пешачат, да паркираат и да се рекреираат.