Администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп им нареди на вработените во Стејт департментот да пријавуваат случаи во кои нивните колеги покажуваат „антихристијански предрасуди“. Ова е дел од спроведувањето на нова извршна уредба со која се цели поддршка на вработените од христијанска вероисповед во федералната администрација. Според интерен документ во кој имал увид „Политико“, Стејт департментот ќе соработува со меѓуресорска работна група за собирање информации за „верски предрасуди од времето на претходната претседателска администрација“. Меѓу другото, ќе се собираат примери на антихристијански ставови преку анонимни формулари за пријава што вработените можат да ги пополнат.
Оваа директива, испратена до сите американски амбасади низ светот под името на државниот секретар Марко Рубио, беше дистрибуирана и како официјално известување во рамките на Стејт департментот. Во документот се наведува дека работната група, формирана врз основа на извршната уредба, ќе го одржи првиот состанок околу 22 април за да ги разгледа првичните наоди. Директивата ги охрабрува вработените да пријавуваат едни колеги преку формулари, кои можат да бидат анонимни. „Пријавите треба да бидат што е можно подетални, вклучувајќи имиња, датуми и локации (на пример, амбасада или канцеларија во САД каде што се случил инцидентот)“, се вели во упатството. Некои вработени во Стејт департментот реагирале со изненадување и загриженост, предупредувајќи дека, иако намерата можеби е добра, директивата поаѓа од погрешна претпоставка дека во Стејт департментот воопшто постои антихристијанска пристрасност. Тие стравуваат дека ова може да создаде атмосфера на страв и недоверба меѓу вработените.
„Иако извршната уредба го става акцентот на антихристијанските предрасуди, секое таргетирање на поединци поради нивната верска припадност е дискриминаторско и спротивно на Уставот и разни федерални закони“, се наведува во известувањето. Извршната уредба на Трамп, издадена во февруари, ги обврзува сите федерални агенции да ги отстранат „антихристијанските предрасуди“ од државната администрација.