Политичари, бизнисмени и инспектори се меѓу приведените во акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) и Министерството за внатрешни работи, дознава „360 степени“. Според неофицијални информации, акцијата се спроведува од утрово на повеќе локации во Скопје и околината. Досега се приведени шест или седум лица, но со кривичната пријава се опфатени повеќе.
Според првичните информации, меѓу приведените е Исмет Гури, член на ДУИ, кој неодамна беше осуден на казна затвор од три и пол години за изборни нерегуларности, како и неговиот син. Дознаваме и дека приведени се инспектори на Управата за јавни приходи каде што Гури беше заменик-директор. Апсењата се поради сомнение за перење пари и затајување данок.Од ОЈОГОКК за „360 степени“ потврдуваат дека има реализација на акција под раководство на обвинител на ова обвинителство, но засега не даваат дополнителни детали за акцијата која сè уште е во тек. Најавуваат целосна информација во текот на денот.
Акцијата за „360 степени“ ја потврдуваат и од МВР.„Во моментов има претреси што започнаа утрово на повеќе локации главно во Скопје, но и во околината. Има неколку уапсени лица. Акцијата е во соработка со ОЈОГОКК. Се работи за организирана криминална група“велат од МВР за „360 степени“.
И полицијата најави дека повеќе детали ќе соопшти подоцна.
Инаку, Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ во петокот (14 јули 2023 г.) добија затворски казни од по три години и шест месеци од Основниот кривичен суд-Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал