Пратениците во парламентот на Косово во средата по 30-ти пат не успеаја да го конституираат Собранието и да изберат нов претседател. Дали предвремени парламентарни избори се решение за излез од институционалната криза? Политичката блокада во Косово продолжува четири месеци по изборите, а нема политичко решение на повидок за каков било можен договор. Пратениците се состанаа 30 пати во Собранието, но не успеаја да изберат претседателка или претседател на парламентот, што би отворило пат за преговори за формирање нова влада. Опозициските партии не сакаат да гласаат за кандидатката на Самоопределување, Албулена Хаџи, а Самоопределување продолжува да инсистира на тоа име. Во таква безнадежна ситуација, сите партии без исклучок ја споменуваат можноста за одржување нови избори.
Најголема одговорност на Самоопределување
Аналитичарите од Приштина со кои разговараше ДВ ја припишуваат одговорноста за политичкиот и институционалниот ќорсокак на сите партии, но, според нивната процена, најголемата одговорност за наоѓање решение е на Самоопределување на Албин Курти. Таа партија освои најмногу гласови на изборите, но недоволно за самостојно да формира нови институции. Политичкиот аналитичар Блерим Бурјани за ДВ изјави дека Самоопределување, кое освои 48 мандати, треба да испроба различни опции за да излезе од кризата.
„Ниту една партија не може да се чувствува удобно во сегашната ситуација. Мандатот им припаѓа на пратениците и, доколку имаат волја, би можеле да размислат за различни решенија, дури и да се спротивстават на своите партии или самостојно да протестираат поради оваа ситуација. Но, гледаме дека тие остануваат лојални на своите партии“, вели Бурјани и заклучува дека партиите гледаат само на сопствените интереси и ги забораваат гласачите.
Можни се вонредни избори
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, веќе го објави датумот на локалните избори – 12 октомври годинава. Но, ако политичкиот ќорсокак околу формирањето на Собранието на Косово потрае уште два месеци, тогаш, според аналитичарот Бурјани, не може да се исклучи можноста за одржување вонредни парламентарни избори на истиот ден со локалните избори.
„Доколку ова продолжи без решение до август, треба да се распишат и вонредни избори за 12 октомври, заедно со локалните“, вели Бурјани, додавајќи дека е очигледно дека овој изборен резултат од 9 февруари не им одговарал на ниту една од политичките партии.
„Самоопределување не го постигна она што го сакаше на изборите. Ниту Демократската партија на Косово (ПДК), ниту Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), ни Алијансата за иднината на Косово (ААК) не го постигнаа она што го сакаа. Дури и да се формира коалиција, таа ќе мора да биде доволно стабилна за да го избере претседателот на земјата по една година. Во спротивно, не вреди да има едногодишна влада, па Косово да влезе во нова криза во април следната година, кога ќе истече мандатот на сегашната претседателка“, вели Блерим Бурјани.
Нови избори – иста криза?
„Новите избори, исто така, ќе произведат истата криза“, смета Еуген Цаколи од Косовскиот демократски институт (КДИ). Тој оценува дека „идејата за одржување парламентарни и локални избори на ист ден е неодговорна“ и дека претставува „ризик од сериозно нарушување на квалитетот на изборниот процес и демократската застапеност“.
Цаколи ги наведува и проблемите: „Три гласачки ливчиња за секој граѓанин, три нивоа на кандидати, комплицирани процедури, неподготвени членови на комисијата, оптоварување на органите за управување со изборите, два вида кампањи и пред сè голема неизвесност за гласачите“.
Покрај тоа, како што истакнува, „се зголемува веројатноста за ’технички‘ грешки, неважечки гласови, оспорувања и долги пребројувања“.
„Наместо да постигнат договор врз основа на мандатите освоени на 9 февруари, тие би сакале да измешаат два одделни изборни процеси“, истакнува Цаколи. А ако, како што додава, се очекува резултатот од претстојните парламентарни избори да биде приближно ист, тогаш „ова е само маневар за смирување на тензиите и реториката, за бришење на црвените линии и за оправдување на соработката што се одбива денес“, заклучува Еуген Цаколи.
Извор: Дојче веле/ Автор: Беким Шеху