Косово се соочува со многу и тоа итни проблеми. Економијата е меѓу најслабите во целиот регион, луѓето масовно емигрираат, а политичкиот конфликт со Србија и натаму предизвикува голема несигурност. Токму во таква ситуација веќе три месеци политиката е во ќорсокак – од парламентарните избори одржани на 9 февруари не само што не се формираше ново владејачко мнозинство, туку и функционирањето на парламентот е блокирано, бидејќи партиите не можат да се договорат за кандидат за претседател на парламентот.
По изборите политичарите се најдоа во пат позиција. Владејачката левичарска и националистичка партија, Самоопределување, на чело со премиерот Албин Курти освои околу 42 проценти од гласовите, односно 48 пратенички места. На другата страна е таборот од десниот центар со три опозициски партии: Демократската партија на Косово (ПДК) со околу 22 проценти од гласовите (25 пратеници), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 17 проценти (20 пратеници) и Алијансата за Косово (ААК) со седум проценти од гласовите (осум пратеници). Косовскиот парламент брои 120 пратенички места, од кои 20 места се резервирани за малцинствата, без оглед на резултатот од изборите – десет за српското малцинство и уште десет за сите други малцинства. Според Уставот, собранието може да почне со работа дури откако ќе се избере претседател на парламентот, но токму тоа досега завршуваше неуспешно.
Најсилната политичка сила, Самоопределување, ја номинираше поранешната министерка за правда Аљбуљена Хаџи за претседателка на Собранието, но дури ни во 14 обиди на гласање таа не беше избрана. Опозициските партии се против бидејќи тврдат дека таа носи „раздор“ и не е подобна за функцијата. Без рокови и ограничувања Актуелниот премиер Албин Курти досега безуспешно се обиде да дојде до мнозинство од 61 пратеник без партии од десниот центар. Фазата меѓу прогласувањето на резултатите од изборите и изборот на претседател на Парламентот не е регулирана во Уставот на Косово, односно за тоа не постојат правни рокови и ограничувања. Тоа значи дека политичкиот застој продолжува. Доника Емини од Советодавната група за јавни политики на Балканот во Европа вели дека тоа можело и да се очекува. „Изборите го трансформираа Косово во вистински повеќепартиски систем. Актуелниот премиер тоа очигледно тешко го поднесува. Постои општ недостаток на волја за компромис“, оценува Емини.
По многу неуспешни кругови на преговори меѓу премиерот и претставниците на опозициските партии, лидерот на ЛДК, Љумир Абдиџику предложи формирање на привремена влада со ограничен мандат до 2026 година, во која дел би биле сите партии, по што би се одржале предвремени парламентарни избори, заедно со редовните претседателски избори. Курти и Самоопределување не прифаќаат. Политички егоизам Откако пропаднаа сите претходни опции, сега се очекува претседателката Вјоса Османи да реагира и да ги покани претставниците на партиите на разговори. Но, таа може само да ги предупреди и нема никакво практично влијание. Теоретски преговорите меѓу партиите би можеле да продолжат на неодредено време. Аналитичарката Емини оценува дека најголемиот проблем е партискиот егоизам. „Излез од ќорсокакот би бил лесно изводлив доколку партиите би погледнале подалеку од сопствениот нос и би ја ставиле државната агенда на прво место“, децидна е таа. „Пред сè Самоопределување треба да го направи првиот чекор кон компромис со промена на кандидатот за функцијата претседател на парламентот“, посочува Емини.
Незадоволството расте Додека партиите се препираат, незадоволството меѓу народот на Косово расте. Инфлацијата достигна рекордно ниво – само цените на електричната енергија минатата година се тројно зголемени. Снабдувањето со енергија со години е лошо – на почетокот на годината на пример и подесет часа дневно немаше струја. Заради сето ова емиграцијата нагло се зголеми, за што придонесе и безвизниот режим со земјите од ЕУ воведен во јануари 2024 година. Политикологот Неџмедин Спахију оценува дека досегашните неуспешни обиди за избор на претседател на парламентот се „политичка игра што Курти ја игра за да купи време додека не состави мнозинство од 61 пратеник“. Игранката сепак би можела како бумеранг да му се врати на Курти, барем кога станува збор за растечкото незадоволство кај населението. „Најголем губитник во сето ова е Албин Курти. Колку подолго се одолговлекува работата, толку потешка станува ситуацијата за него“, заклучува Спахију.