Таткото на убиената 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, сведочи на денешното судско рочиште, одговарајќи на прашањата на неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ. Тој раскажа за моментот кога исчезнала Вања, а потоа и за односот на полицијата.
-Односот на полицијата беше со сомнеж кон мене. Тие тапкаа во место од самиот почеток. Ми покажуваа слики од девојчиња, дали е тоа Вања. Ме убедуваа дека не си го познаваме детето, дека избегала со некој дечко накај Тетово, дека се решила да избега во Шведска кај другарче од социјална мрежа. Ме прашуваа колку станови имам, на чие име се водат. Колку возила поседуваме. А кога ќе споменевме дека Вања не е отидена по своја волја, пројавуваа дури и агресија кон нас. Имаше еден инспектор Владимир се викаше. Беше задолжен за распит на децата. Ми покажа една слика од девојче. Бевме во мојата кола, а се враќавме од станот на мајка ми. Сакаа да го видат и тој стан. На одговорот дека тоа не е Вања на сликата ми се развика дека не сум можел да го препознаам сопственото дете, каков татко сум бил. Потоа ја праша и Зорица.
Од компјутерот на Вања дознаа дека со другарче разменувале мислења и ги споредувале Библијата и Куранот. Па ме убедуваа дека Вања наводно се регрутирала за ИСИС, и отпатувала за Шведска. Еден од инспекторите Кире, на долгочасовните состаноци во полициска станица Центар, на кој бев со Зорица и Миња, ми се пушти дека само јас сум викал дека Вања е киднапирана. Тогаш можеби го навредив и со повисок тон му се обратив со зборовите:,,Киднапирана е Кире, киднапирана е”. Не по своја волја скршнала од патот, сведочеше Ѓорчевски. Потоа објасни, за него, и за чудното однесување и на инспекторот Музафер.
-На друг состанок инспекторот Музафер ми рече ајде да се повозиме. Ме правеа ретардиран, а да не зборувам дека цело време во погрешна насока ја водеа истрагата. Но што да правиш. Кај ги молиш да ти го најдат детето, реков во ред, како ќе кажеш. Рече ќе одиме на Водно. Демек Вања сакала да не казни, се сокрила на Водно, запалила оган и чекала да помине време. По 15 минути рече да се спуштиме кон хотелот. Исто и таму прошета и се врати и после во судницата даде исказ како јас сум бил незаинтересиран и не сум ја барал Вања зошто сум знаел што се случило со детето, рече Ѓорчевски. Тој рече дека мајката на Вања, Зорица, била избезумена.
-Се трудевме и двајцата да глумиме смиреност, дека не сме во паника, заради Миња. И Зорица се вклучи во обезбедување на снимки од околните камери, а бидејќи имаше фејсбук, а јас не, таа комуницираше со медиуми, а и се јавуваа и јасновидци. Доби порака дека Вања е најдена на Косово. Се нудеа луѓе да им дадеме облека од Вања па ќе кажеле каде е. Со еден збор лудило, сведочеше Ѓорчевски. Тој појасни и за станот од родителите на Зорица, кој бил на негово име.
-Договорот беше од формален карактер, за да можам наемнината да ја добивам на моја сметка. Од моментот кога решивме да се разведеме, беше потребна трансформација и кај двајцата. Требаше да се трансформирам од бејбиситер во татко, а таа да ги презеде обврските кои ги имав јас. Колку и да е културен и цивилизиран разводот, сепак ги боли децата. Од таа причина, решивме да го одложиме разводот за една година, за постепено да ги воведуваме децата во новата состојба. Функциониравме под ист кров. Имавме време на претек да дискутираме и да се договараме како ќе функционираме по разводот. Станот беше празен по смртта на родителите на Зорица. Избегнуваше да го посетува, ја потсетуваше на смртта на родителите. Иако немавме недостаток од пари, решивме да го издаваме. Мислев да се вратам на работа во Фершпед, но ми рекоа плата од 18.000 денари. Зорица предложи по разводот, децата да бидат една недела кај неа, една кај мене. За да располагаме со приближно исто пари, се договоривме киријата да ја земам јас. Тогаш се наметна прашањето за становите. Начелно се договоривме станот на Наумовски Борче и на Партизанска, во иднина едниот да припадне на едната ќеркичка, другиот на другата ќеркичка. За да ја земам киријата, решивме да го префрлиме на мое име, но и под претпоставка дека ќе има многу работа околу станот, рече Ѓорчевски. Судењето е во тек.
Валентина Вурмо