Од МВР информираат дека Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Велес, во координација со јавен обвинител, на подрачјето на Велес спровеле заедничка и координирана истрага против лица за кои постоеле информации дека се инволвирани во случајот на купопродажба на еден килограм кокаин, запленет на 29 ноември 2024 и за кој СВР Велес тогаш поднесе кривична пријава против три луѓе.
-Како дел од истрагата, денеска (11.06.2025), со наредби од Основен суд Велес, беа извршени претреси на повеќе локации во Велес и велешко. Претреси беа извршени во куќата на А.В.(53) во Велес, во куќата. станот и викенд куќата на лицето С.С.(47) во Велес и Чашка, во куќа и плац на А.Ц.(29) во Велес и во станот на В.Л.(41) во Велес- велат од полицијата. Оттаму додаваат дека за време на претресите биле пронајдени и одземени кокаин, околу 37.000 евра, дигитална вага со остатоци од кокаин, мобилни телефони и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Исто така, во текот на денот СВР Велес ќе поднесе кривична пријава против уште еден човек.