Вознемирувачкото видео на кое се гледа како маж од Радовиш на „Тик-Ток“ ја тепа својата бремена партнерка, додека е во група со други луѓе „во живо“, ја вџаши македонската јавност. Без страв од консеквенци, на камера, додека другите го гледаат, тој ѝ упати бројни удари на жената, ја навредуваше, ја понижуваше пред очите на целата јавност. Полицијата денеска не одговори на прашањата на „Слободен печат“ каде во моментов се наоѓа осомниченото лице. Објавија соопштение во кое пишува дека го привеле во неделата на 23 март 2025 година, а оттогаш па наваму, поминати се 4 дена во кои не е познато каде е ова лице. Нема одговор ни на прашањето од „Слободен печат“ дали жртвата и насилникот се одвоени со некаква мерка, односно дали повторно му е дозволено доближување до жената. Од Јавното обвинителство пристигнаа попрецизни одговори од кои произлегува дека насилникот не е задржан во овој момент односно се наоѓа на слобода. „Постапката за лицето е во тек врз основа на поднесената кривична пријава. Меѓу другото, ќе се испита дали во конкретниот случај постои основ за негово задржување. Јавното обвинителство и истражните органи имаат обврска да постапуваат единствено врз основа на доказите во предметите“, велат од Јавното Обвинителство.
Според соопштението од МВР настанот во СВР Струмица бил пријавен на 23.03.2025 (недела) во 08.25 часот од страна на мајката на жртвата. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш. Утврдено е дека машкото лице е А.А.(35) од Радовиш, кој истиот ден во 09.20 часот е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш. Исто така, бил извршен службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник од Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година. Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки. Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25.03.2025 е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон. Продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот.