Полни рафтови со продукти, но без купувачи, или пак, со многу мал број купувачи. Ваква беше денеска сликата во неколку маркети кои ги посети Мета, на денот на бојкотот на населението насочен кон ланците маркети, поради високите цени на производите и неможноста да ги издржат поскапувањата. Граѓаните се одзваа на повикот за бојкот, со што им порачаа на сопствениците на маркети дека цените се превисоки за нивниот стандард. Во еден познат ланец маркети немаше буквално никој кога ние го посетивме. Двете касиерки разговараа на телефон бидејќи немаа работа. Во еден од скопските молови во кои има супермаркет, на паркингот имаше автомобили, но внатре во трговскиот центар ја немаше вообичаената раздвиженост. Слично беше и во еден од поголемите маркети во Тафталиџе, каде што паркингот беше полн со возила, но внатре без значителен метеж кој е вообичаена слика за овој маркет.
„Мислам дека бојкотот ќе ги опамети газдите. Работам само за да се прехранам и да платам сметки, платата за ништо не стасува. Цените се превисоки, ова е претерано“, ни рече Славчо кој излегуваше од еден маркет со само еден леб в раце. Тој смета дека треба почесто да има ваков бојкот за да има ефект пораката која ја испраќа населението до сопствениците на маркети и до властите. Според последните податоци минималната плата изнесува 22.567 денари, додека минималната кошничка пак е 63.252 денари. Анализата на Синдикатот покажува дека ако се споредат цените на кошницата со јануари годинава и со онаа на јануари минатата година тие се поголеми за нешто повеќе од шест илјади денари. Meта и вчера беше во обиколка на скопски маркети. Она што ни падна во очи е што има многу производи кои се на акција, обележани со црвена боја – од месни, млечни продукти, производи за хигиена, брашно, тестенини. Но, кога ќе ја погледнете редовната цен и онаа со попуст, гледате дека станува збор од незначително намалување за незначителни, 4 денари (за 400 г. макарони).
Минатата недела, во Хрватска граѓаните бојкотираа продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените. Иницијативата потекна од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, а ја поддржаа здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и министерот за економија. Во Хрватска инфлацијата продолжува да расте, а државата е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација. Ваков бојкот имаше и во Црна Гора, а кај нас, е најавен за утре. Во меѓувреме, Владата најави ригорозни контроли на маркети кои можно е да прават одредени изигрувања на законите и процедурите. Во меѓувреме, Владата најави ригорозни контроли на маркети кои можно е да прават одредени изигрувања на законите и процедурите. Извор: Новинска агенција МЕТА