Почитувани читатели, мојата борба за вистина поврзана со стечајот на Еуростандард банка е мој непресушен порив. Мотивот да продолжам со истражувањата за причините за ваквата состојба во која што денес се наоѓа нашата држава е сѐ посилен. Имаме руиниран систем кој како карамбол ги урива најбитните институции: образование и здравство, сите челни државни институции, личниот кодекс на чесност, праведност и одговорност. Површен систем. Роден сум, школуван и стекнат со искуство во бившата ФНРЈ, СФРЈ. Растев во држава каде постоеше еднопартиски систем. Се стекнав со сите доблесни човечки особини трудејќи се да бидам праведен кон себеси и околината, да придонесувам согласно моите можности, да помагам за подобрување на нашиот заеднички општествен живот и да бидам доследен и упорен во целите зацртани како приоритети. Убеден сум дека како мене има уште многу други општествено одговорни луѓе од сите етникуми на нашата држава. Жално е што ваквите чесни поединци се буквално истуркани од партиската машинерија која практикува плурализмот како уставен систем на нашата држава.
Најчестото прашање кое си го поставувам пред себе е дали како држава и граѓани бевме спремни да го имплементираме плурализмот. Веќе е очигледно дека Македонија е последната држава од сите бивши ЈУ републики којашто не успеа да се вклопи во новиот систем и да креира светла иднина за своите граѓани. Виновни сме. И како поединци и како систем. Вината е токму во нас, граѓаните на Република Македонија. Плурализмот може да е функционален само во заедница каде што образовниот систем е најсилниот сегмент за едукација и на поединци и на општеството. Плурализам не оди со полтронство. Полтронството кое упорно, како болна амбиција, се протнува низ иглени уши во сите сегменти од нашето живеење, е вистинскиот проблем со кој што мора да се справуваме. Нема сегмент од нашето секојдневно живеење, каде што полтронството не е присутно. Како што политиката во сѐ се меша така и полтронството во чекор ја следи. Почнувајќи од политиката и политичките партии, преку сите останатите фундаментални институции од кои зависи иднината на државата и граѓаните, како ѓуле се пробива сѐ до образованието, здравството и сите останати институции.
Актуелниот гувернер на Народна банка е најслабиот гувернер од осамостојувањето на Република Македонија до денес. Очигледно дека нејзиното поставување на функцијата Гувернер беше нечија замисла. Таа е марионета на поединци и групи со криминогени замисли. Врши функција во корист на тие што ја поставија. Ништо повеќе од полтрон. Речиси пет години од носењето на Еуростандард банка во стечај, убеден сум дека во свеста на госпоѓа Бежоска е присутно чувството дека направила грев, извршувајќи ја функцијата гувернер. Грев е. Сите правни и физички лица се обештетени од стечајната маса, или ќе бидат обешететени во најкраток период. Се радувам за нив но стравувам за себе. Грев е направен врз мене и моето семејство за кое што уште се води истрага од Јавното обвинителство. Почитувани читатели, токму полтронството како наше секојдневие ги покажа сите слабости на системот и негативните делувања кои ја отсликуваат нашата денешна состојба.
Полтронството ги покажа на дело катастрофални последици за нас граѓаните во државата. Се поставуваат луѓе на битни позиции не според знаење и квалитет, туку по желба да одработуваат за нечии интереси, а не за граѓаните и државата. Во денешна самостојна Македонија, почнувајќи од 1991 година, имаме плеада на високи функционери во државните институции и министерства, па дури и премиери. Во сите нив има вина за денешната сурова реалност и сѐ она што ја снајде нашата држава. Носењето на погрешни луѓе на клучни функции е погрешниот пат за доброто на самостојна Македонија. Тоа е како погрешна дијагноза и таков третман. Нема оправање. Ниту оправдување за тоа што денес ни се случува во Македонија. Полтронството како систем на функционирање на државата ги произведе корупцијата и криминалот. Токму затоа е имплементирано, од најниско до највисоко ниво, во сите државни институции во земјата. Цели 35 години ја градиме нашата држава. Фактот што не изнедривме личности кои со своите дела преку политиката и вршењето на функции ќе беа неприкосновени авторитети само за себе, е доказ дека живееме во гнило општество.
Полтронството го создаде непотизмот. Двете девијантни и деградирачки појави долго опстојуваат и докажуваат дека секој поединец може да биде поставен на клучни позиции за водење на државата и институциите во неа, без никаков кредибилитет. Корупцијата и криминалот се македонско секојдневие, а цената ја плаќаме ние, граѓаните. Се прашувам, а ве прашувам и вас, до кој степен ќе бидеме толерантни? Корупцијата и криминалот се ограбувачи и уништувачи на сопствениот народ, меѓу кои сум и јас. Коруцијата и криминалот ни однесоа 60 млади деца. Се прашувам себеси, а ве прашувам и вас, што е следното…Треба сите истовремено да се разбудиме од долгогодишната хипноза на толерирање криминали. Во светот веќе сме познати по катастрофи и трагедии предизвикани од нашата несовесност за градење исправен систем.
Да, почитувани мои читатели, треба да изградиме систем кој ќе овозможи еднаквост, праведност и просперитет за сите граѓани во нашата држава. Борбата против корупцијата и криминалот ни најмалку не е лесна бидејќи токму корупцијата и криминалот ги имаат сите алатки за опстојување. Најсилната алатка за опстојување на криминалот и корупцијата е поткупливиот човек полтрон, кој се стекнал со имотен и општествен статус во нашето секојдневие преку малверзации. Борбата ни најмалку не е лесна и ќе треба долго време да се справуваме со ова зло, доколку имаме луѓе на функции кои се спремни да се зафатат за вистинска, отворена борба против корупцијата. Надежта последна умира. Јас морам да верувам во актуелната Влада дека вистински ќе се зафати во борбата со криминалот и корупцијата, а полтронството, вградено во системот на функционирање, да се отстрани како канцер пред да метастазира.
Трифун Костовски