Траорни приказни доаѓаат секојдневно од Кочани, по пожарот во кој згаснаа животите на 59 младинци, а околу 200 завршија со повреди. Помеѓу починатите е и Ивона Ајтова, која имаше само 21 година и беше единствено дете на своите родители Стојка и Тоше. За ова семејство, кочанчани имаат само убави зборови. Планинари, големи хуманисти, кои на секој можен начин се труделе да дадат свој придонес во општеството. За мајката на Ивона, Стојка, раскажуваат дека покрај тоа што била прв женски лиценциран планинарски водич на Истокот, исто така била и единствената жена-пожарникар во Доброволното противпожарно друштво Кочани. И нејзиниот сопруг Тоше исто така бил дел од ДПД Кочани. Таа била волонтер во друштвото од самото формирање на истото, уште од 2021 година, ги поминала сите обуки и ги добила потребните сертификати, и рамо до рамо учествувала во многу акции заедно со мажите пожарникари.
– И беше гордост што е дел од ПДП Кочани, знаеше да каже дека кога ќе се стави заштитниот шлем на главата, нема разлика дали пожарникарот е жена или маж. После трагедијата во која ја изгубија единствената ќерка, се молиме да најдат сили и да продолжат со животот. Се молиме за сите семејства кои ги изгубија своите деца на ваков, страотен начин, раскажуваат кочанчани. Од ПДП Кочани пак, каде членувале родителите на Ивона, соопштија дека десетина нивни членови со две возила се упатиле кон таканареченото кабаре Пулс, веднаш штом слушнале за пожарот, во раните утрински часови на 16-ти март. – Како и многупати досега, така и на 16.03.2025 година, иако опструирани и маргинализирани од повеќе страни во последен период, одново бевме на браникот на Кочани. И покрај се, кога е тешко и покрај сите околности од пижами и буквално од кревет, десетина наши членови со две возила на ДПД Кочани скокна во очи на огнот.
Онака, во наш стил, волонтерски, со чиста душа и силен адреналин да се помогне каде што може. Дадовме и повеќе од што можевме како помош за ТППЕ, МВР и Брзата помош кои со нивната оскудна опрема и лимитиран капацитет се бореа со монструозната трагедија од светски карактер која не задеси. Сцените кои ги затекнавме вечно ќе бидат врежани, а секој од нас загуби по некој близок, познаник, пријател, другар, а нашите членови, сопружниците Тоше и Стојка го загубија најмилото – ќерката единец Ивона, соопштија од друштвото, изразувајќи сочувство за жртвите и за сите оние кои се борат за живот. – Црна се чума зададе – Кочани по 16.03.2025 повеќе не е ист град и нема да биде, додаваат од ДПД Кочани.