Одлука која имаше ефективност во истиот момент без можност за прилагодување и амортизација. Во меѓувреме многу работи се искристализираа, многу проекти се прекинаа, многу организации (мали и големи) се затворија. Но еве неколку работи кои ги научивме од ситуацијата. Додека некои тврдеа и тврдат дека ова е само уште една криза што ќе ја преживееме, од внатре изгледа поинаку. Ова не е само финансиски удар – ова претставува системски шок што ја менува самата ДНК на граѓанскиот сектор. Три месеци подоцна, може да се заклучи дека граѓанските организации, не се безбедни од ситуацијата.
Наглиот прекин на средства, предизвика и стрмен наплив на организации во потрага по проекти за поддршка на институционалните капацитети. Ситуацијата според одредени фондации, за најмалку 40% ја зголеми конкурентноста на повиците за фондови и проекти, што го обесправува пристапот на голем број мали и локални организации.
Дополнителен предизвик на проектите е барањето на донаторите за кофинансирање. На пример, за проект од 100.000 евра, ако кофинансирањето е 10%, организацијата треба да обезбеди 10.000 евра од други извори. Овој механизам има своја логика – кофинансирањето е воведено за да се поттикне одговорност, одржливост и да се намали ризикот од манипулации, што е важно и оправдано. Но, во сегашната финансиска криза, кога речиси сите извори се пресушени, ова барање станува речиси невозможна мисија, особено за малите и локални организации. Наместо да биде поттик за стабилност, кофинансирањето денес за многумина е дополнителна бариера за опстанок.