Поради врнежите поплавени се бројни општини и градови во Република Српска. Во Лакташи, Градишка и Челинац е прогласена вонредна состојба поради покачување на нивото на реките, но, според последните податоци, нивото на водата се намалува, пренесува Политика. Вонредна состојба за одбрана од поплави е прогласена и во Приједор. Синоќа беа поплавени повеќе станбени и помошни објекти во населбата Приједор Гомјеница, јави Радоио телевизија Република Српска (РТРС). Водата навлезе во неколку домаќинства, поплави земјоделско земјиште, а поплавени се и занаетчиски работилници. Од синоќа на терен се припадниците на Територијалната противпожарна и спасувачка единица Приједор, кои со чамци и противпожарна опрема им помагаат на мештаните.
Поради излевање на вода на коловозот и одрони, во прекин е сообраќајот на магистралниот пат Костајница-Козарска Дубица на излезот од Костајница и во градот Шпиља, соопшти Автомото сојузот. Водостојот на реката Уна се зголемува и го надмина нивото за вонредна одбрана од поплави, изјави за РТРС Александар Пашиќ, портпарол на општина Костајница. Браниме куќи во долниот дел на општината, распоредени се вреќи и внесени се дополнителни пумпи“, рече Пашиќ. „Ноќта помина мирно и немаше барања од граѓани“, изјави Срѓан Келечевиќ од Цивилната заштита Лакташи.
На подрачјето на општина Србац поплавени се триесетина куќи, главно во селата Лијевче поле покрај левиот брег на реката Врбас. Обновена е патната комуникација од Србац до Дервента, која беше во прекин, јавува Танјуг. Состојбата во Бања Лука се стабилизира, реките Врбас и Босна опаѓаат. Ноќта помина мирно, не добија повици од граѓани, а екипите на итната помош беа на терен цела ноќ, изјави за РТРС Петар Чанковиќ од Одделот за цивилна заштита во Бања Лука.