Многу се зборува за Голи Оток, познатиот затвор за политички затвореници од периодот на СФРЈ, но сè уште не се знае доволно. Многумина завршиле на овој „пуст остров“ меѓу другото и затоа што кажале виц, пееле песна или биле на погрешно место во погрешно време. Една од најпознатите песни испеана за Јосип Броз, „Друже Тито, љубичице бела“, ја чинело младата новинарка Жени Лебл две и пол години затвор на Голи Оток, каде што завршила на само 22 години. Во тоа време не се знаело многу за Жени, белграѓанката со еврејско потекло, но не смеело да се пишува многу за периодот што го поминала на Голи Оток. Еден текст за неа во 2013 година објави „Политика“, весникот во кој работела додека не била уапсена поради вицот за Јосип Броз Тито што го кажала во редакцијата едно утро, пишува српскиот весник.
„Колега еднаш ѝ кажала виц за тоа како Југославија победила на меѓународен натпревар за цвеќе затоа што одгледувала љубичица тешка 100 килограми, алудирајќи на песната „Друже Тито, љубичице бела“. Откако ја кажала шегата во редакцијата, по Жени Лебл дошле двајца офицери на УДБА бидејќи, како што рекле, зборувала против Тито и не го пријавила „народниот непријател“ од кого ја слушнала спорната шега. По четирите затвори во кои била, на крајот ја префрлиле на Голи Оток, каде што била од април 1949 година до октомври 1951 година.
Кога била ослободена, нејзиниот брат Саша, кога ја видел, рекол дека изгледа како повратник од Аушвиц. Никој во Белград немал разбирање за повратничката од Голи Оток, освен блискиот семеен круг. Единствениот излез бил да се исели во Израел. Со многу компликации го добила пасошот. Таа пристигнала во Хаифа преку Италија. Пролетта 1986 година, таа го запознала писателот Данило Киш во Ерусалим. За време на нивниот разговор се појавила Ева Нахир Паниќ, уште една поранешна затвореничка од Голи Оток. Киш ја слушал приказната на Ева за Голи Оток, потресен од фактите и дури тогаш дознал дека и Жени била на тоа страшно место. Писателот дотогаш не знаел дека на Голи Оток имало и женски логор и сметал дека тоа мора да биде документирано како филмско сведоштво. Овој факт го обелодени ТВ-серијата „Гол живот“ во режија на Александар Мандиќ, која во четири епизоди ја виде цела Југославија од 12 до 15 февруари 1990 година.
Книгата „Љубичица бела“ која ја напиша Жени, стана бестселер во Израел. Во неа таа ги опишала ужасните искуства од логорот, а многу луѓе не ни знаеле дека таму има жени“, пишува „Политика“. „Само жедните знаат да ја ценат вода. Бевме опкружени со море, а жедни до лудило“, е еден од цитатите од нејзината книга, кој сведочи за болката, мачењето, но и понижувањето на Жени Лебл, родена во 1927 година во Алексинац. Таа ја продолжила својата истражувачка работа сè до последниот момент од животот.