Сите лица биле задржани во полициска станица, а МВР најавува соодветни поднесоци по документирање на случаите. Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираше за четири одделни случаи во кои биле приведени возачи поради управување на возило под дејство на алкохол и поради сомнение за сторено кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“. Полицијата од ОВР Кавадарци ги лишила од слобода 22-годишниот Х.К. и 35-годишниот А.М., затоа што кај првиот било констатирано дека го управувал возилото со 2,65 промили алкохол во крвта, додека кај А.М. било констатирано дека управувал возило со 3,34 промили алкохол во крвта.
Двајцата се задржани во ОВР Кавадарци, а МВР најавува соодветни поднесоци по документирање на случаите. Во Македонија, лимитот на дозволено количество на алкохол во крвта е 0,5 промили. Кај професионалните возачи кои управуваат комерцијални возила, пак, не е дозволено присуство на алкохол во крвта, ниту кај возачите-почетници. МВР информираше за уште два одвоени случаи во Штип и Пробиштип во кои биле приведени уште две лица поради управување возило под дејство на алкохол. Во едниот случај, полицијата сопрела возило „Туран“ со штипски регистарски ознаки, управувано од 35-годишниот Д.Ј., по што констатирала дека лицето има 1,55 промили алкохол во крвта. Во другиот случај, во Пробиштип било запрено патничко возило „Голф“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал 45-годишниот С.Г. од селото Соколарци. Кај него било констатирано дека има 1,64 промили алкохол во крвта. Извор: Новинска агенција МЕТА