Нафтената рафинерија во Бургас, Бугарија, во сопственост на рускиот нафтен гигант „Лукоил“, ќе биде затворена од 26-ти февруари поради планираните ремонти што се вршат на секои четири години, изјави бугарскиот премиер Росен Жељасков. Тој додаде дека рафинеријата повторно ќе биде пуштена во употреба на 25 април, а целосно треба да продолжи со работа на 1 мај.
Шефот на бугарската влада изјави дека последната планирана поправка на рафинеријата била извршена во јули 2021 година. Од друга страна, тој нагласи дека резервите на гориво за тековните потреби на државата во моментов се 100 отсто обезбедени. Жељасков посочи и дека бугарската влада не може да се меша во плановите за продажба на рафинеријата и механизмите за нејзино купување и продавање, но може да ја забрани трансакцијата доколку се појави потреба.