Најдобрите македонски одбојкари загубија и во вториот натпревар од годинешното издание во ЦЕВ Европската Златна лига од домаќинот на првиот турнир, Словачка, со 3:0 (25:21, 25:22, 25:23). Попладнево во „Гопас Арена“ во Братислава тимот на селекторот Јошко Миленкоски понуди подобра игра од првиот дуел со Финска, како во полето, така и на мрежата. Пруживме посилен отпор во сите три сета, а нијанси пресудија во корист на противникот.
Во третиот сет шанса добија и Ефтим Ричлиев како организатор на играта и Ване Арапов како либеро, кои внесоа свежина во играта. Македонија беше константно во игра, но во клучните моменти не го задржавме фокусот и тоа беше пресудно. Капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени беше лидер на екипата, додека Александар Љафтов го следеше со 10 поени, а Филип Савовски реализираше осум. Репрезентацијата утре попладне се враќа во Струмица, а веќе в среда патува за Рига, каде го игра вториот турнир од ЦЕВ Европската Златна лига.