Повеќе отстапки нема никаде да праваиме, изјави бугарскиот премиер и министер за надворешни работи Димитар Главчев во врска со изборните резултати во Република Северна Македонија, објави БТА. -Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира. Се надевам дека ќе ја продолжат својата европска перспектива. Ставот што го имаме е паневропски став, на нашите пријатели од Република Северна Македонија им е јасно дека доколку не ги исполнат условите за членство во ЕУ нема да функционира, рече техничкиот премиер Главчев.
Претходно и бугарскиот претседател Румен Радев ја коментираше победата на Гордана Сиљановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските и парламентарните избори.-Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Северна Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Сиљановска, рече Радев.
Бугарскиот претседател нагласи дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, „но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство“. Според него, тоа значи „промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари“. – Откажување од јазикот на омразата што беснееше во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство на Бугарите во земјата, ја пренесува БТА изјавата на Радев дадена утрово кога со потпретседателката Илијана Јотова положи цвеќе пред споменикот на Непознатиот воин во Софија по повод 9 мај, Денот на победата.