Претседателот на Собранието, Африм Гаши и делегацијата во посета на Италијанската Република оствари средба со сенаторката г-ѓа Ема Паванели, која е и претседателка на Билатералната група за соработка со државите од Балканот на Италијанскиот Парламент и членовите на Групата, по која следеше средба со г. Џулио Тремонти, Претседател на Комисијата за надворешна и европска политика, Дом на пратеници на Парламентот на Италијанската Република. На средбата присуствуваа и членовите на Комисијата, како и со г. Џиљо Виња претседателот на Комисијата за политики за ЕУ.
На средбите претседателот Гаши подвлече дека билатералните односи меѓу РС Македонија и Италијанската Република во континуитет повеќе од три децении се одвиваат на отворен, искрен и пријателски начин и без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка како на билатерален, така и на мултилатерален план. Континуираната поддршка сведочи за визијата на Италија за интегриран и стабилен Западен Балкан во НАТО и во Европската унија, чиј заеднички именител е просперитетен регион без конфликти и отворени прашања.
На средбите претседателот Гаши се задржа на скрининг процесот, кој многу успешно заврши пред 2 години, со високи оценки од Европската комисија и изрази очекување дека за време на полското претседавање со Советот на ЕУ ќе се испрати конкретен и јасен сигнал до сите земји-членки, дека започнувањето на преговори со Република Северна Македонија е повеќе од императив, како и проценка дека секое натамошно одолговлекување на процесот на проширување на Унијата ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски, енергетски, безбедносен, така и на политички план.
Пратеничката Ласовска се осврна на придонесот на Република Македонија во политиките на Унијата иако не е членка на Унијата, од поддршка за време на мигрантската криза, преку усогласување со заедничката безбедносна политика до приклучување на санкциите од Унијата. Наместо членството да се заснова на придонес и исполнување на Копенхашки критериуми, истото е условено од билатерален спор. Тоа придонесува за негативна перцепција на граѓаните и намалување на нивната поддршка за членство во Унијата.
Пратеникот Ковачевски истакна дека поддршката и разбирањето од Италија за придонесот на нашата држава во европските процеси треба да се пренесе и меѓу земјите членки на Унијата. Особено затоа што членството на нашата држава во Унијата, нема да е придобивка само за државата, туку и за Унијата. На средбите беше истакната и подготвеноста за натамошна взаемна поддршка и соработка меѓу постојаните делегации во парламентарните собранија на НАТО, Советот на Европа, OБСЕ, Медитеранот, ИПУ, како и конструктивната соработка во рамките на Јадранско-Јонската Иницијатива, и во Централно-европската Иницијатива, каде Италија е земја-основач. Присутните се заложија за унапредување и на повеќе сегменти на меѓудржавна соработка, во економијата, но и во културата, образованието, туризмот и здравството, а Протоколот за соработка овозможува отпочнување на повеќе иницијативи за размена на искуства и парламентарни практики од взаемна потреба и интерес.