Со барања за системски промени по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во која загинаа 59 млади лица, говорниците освен што побараа кривична и морална одговорност, поставуваа и прашања до министрите на собирот пред Собранието во организација на граѓанската иницијатива „Кој е следен“. До министерот за транспорт Александар Николовски за дивоградбите, додека од министерот за здравство Арбен Таравари побараа јавно и транспарентно да го достави целиот извештај за изградбата на болницата во Штип, зошто таа не е во употреба и колку пари се потрошени за изградбата на објектот. Еден од говорниците констатира дека овој систем 35 години одзема животи. -Едни профитираат други умираат. Тука сум заради неодговорнста на одговорните, сакам да градам иднина тука. Се додека мечката не заигра во нивниот двор тие нема да бидат свесни. Луѓе свестете се, време е да ставиме крај! Ова е последен крик, или сите ќе се отселиме или ќе станеме жртви – порача говорникот. Тие ги критикувваа пратениците, системот и им порачаа на граѓаните да не седат дома туку незадоволството да го артикулираат на собирот пред Собранието.
Учесник на собирот предложи следните собири да бидат пред седиштата на партиите ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ во Мала Речица. Тој предложи Иницијативата да објави јавен повик за професионалци наместо партиски кадри да бидат вработени во институциите. На собирот беше побарано проширување на истрагата за дискотеката „Пулс“. Барање на иницијативата е да се оформи и граѓански сервис „Е инспекторат“ кој ќе овозможи транспарентно работење на сите инспекторати во земјава за секој граѓанин да има увид во тоа кој објект бил подложен на надзор, а кој не. Потребно е, истакнаа од „Кој е следен“, да се инсталира и централен број за проверка на нерегуларности во работењето на инспекторатите, за секој граѓанин да може да пријави нерегуларност и тоа потоа да се распредели до соодветените надлежни институции. Иницијативата уште еднаш ја отфрли поврзаноста со која било политичка партија во земјава, додека за јавно објавениот фејсбук статус на сестрата на Фросина Кулакова која загина на булеверот „Партизански одреди“ смета дека тоа е право на секој граѓанин. Во врска, пак, со обвинувањата од страна на семејството Кулакови дека „Кој е следен“ сака да злоупотреби нечија смрт, иницијативата потврдува дека се формираше и настана по несреќата кога загина Фросина и дека тоа бил поводот, но причината е нефункционалниот систем на државата во изминатите 35 години.