Поранешниот советник на рускиот претседател – Владислав Сурков изјави дека идеологијата на „рускиот свет“ нема граници, па Русија ќе продолжи да го шири своето влијание во сите правци. „Идеологијата на „рускиот свет“ нема граници и е присутна секаде каде што има руско влијание – културно, воено, економско, идеолошко или хуманитарно. Русија ќе се шири во сите правци“, изјави Сурков во интервју за францускиот весник „Експрес“. Тој исто така изјави дека Русија ќе ја постигне оваа стратешка цел, која, според него, не е променета од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година, дури и ако на тој пат има „маневри, забавувања и паузи“.
„За Русија, враќањето на Украина во нејзината сфера на влијание е цел уште од распадот на Советскиот Сојуз. Руската војна во Украина ќе ги одвои Русите од антирусите, а вторите ќе ги ограничи на нивната историска територија за да престанат да се шират на руска почва“, изјави поранешен советник на Владимир Путин. Како што наведе, „Украина е вештачка квази-држава, составена од некомпатибилни елементи“, чија иднина е поделба и исчезнување „во корист на нов поредок“.
„Целта е јасна: победа, без разлика дали е воена или дипломатска, проследена со методично распарчување на непријателот. Украина ќе биде поделена по нејзините природни линии – на запад антиРуси, на југ и на исток Руси“ – рече Сурков.